Црвен картон за Зелената агенда во Босна и Херцеговина

Од моментот кога Босна и Херцеговина – заедно со Албанија, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија – ја потпишаа Декларацијата од Софија во ноември 2020 година, во Босна и Херцеговина двапати се одржаа локални избори (во 2020 и 2024 година) и еднаш општи избори (во 2022 година). Оваа декларација ги содржи главните насоки за спроведување на Европската зелена агенда. Станува збор за стратегија донесена во 2019 година, која има цел Европа да биде прв климатско неутрален континент до 2050 година.
Има вкупно пет клучни области за кои се определени и конкретни временски рамки, а кои претставуваат обврска за потписниците на Софиската декларација за Зелена агенда за земјите од Западен Балкан. Станува збор за областите на декарбонизација и климатска отпорност, циркуларна економија, превенција на загадувањето на воздухот, водата и почвата, одржливи системи за храна и рурални области, како и биолошка разновидност: заштита и обновување на екосистемите.
Девет милијарди евра е износот на средства што се планирани за активностите што се предвидени со Акцискиот план за спроведување на Зелената агенда, а која го опфаќа периодот 2021-2030 година. Овие средства се предвидени со Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) со цел да се помогне во усогласување помеѓу економскиот раст на земјите од Западен Балкан и растот на ЕУ.
Стратегиските приоритети на Босна и Херцеговина, како во однос на правото на ЕУ така и во однос на разните области од Зелената агенда, вклучуваат активности што се насочени кон зачувување на природните ресурси и трансформација на Босна и Херцеговина во позелена и поодржлива економија.
Четири години потоа, време е да се направи преглед на тоа што направила Босна и Херцеговина во исполнувањето на активностите од Зелената агенда. Или, пак, потпишаните документи во Софија останаа „само на хартија“.

Од кандидатски статус до отворање на пристапните преговори – и назад

Во средината на декември 2022 година, Советот за општи работи (ГАЦ) го поддржа предлогот на Европската комисија да ѝ се додели на Босна и Херцеговина статус на земја кандидат за членство во Европската Унија, со листа од 14 услови што БиХ мора да ги исполни во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Она што следуваше потоа беше одлуката на Европскиот совет, кој во март 2024 година го одобри отворањето на пристапните преговори меѓу Босна и Херцеговина и Европската Унија.
Малку пред тоа, во јануари 2024 година, се одржа конститутивна седница на Работниот тим во Босна и Херцеговина, кој е задолжен за подготовка на Реформскиот план предвиден за Планот за раст за Западен Балкан. Реформскиот план за Босна и Херцеговина е документ што содржи четири приоритети: зелена и дигитална транзиција; развој на приватниот сектор и деловното опкружување; развој и задржување на човечкиот капитал; и владеење на правото.
Работниот тим требаше да ја усогласи конечната реформска агенда во која ќе бидат содржани сите реформи или инвестициски проекти, како и потребните финансиски средства за нивна реализација. Конечната верзија на овој документ предвидува еден вид зелена транзиција со реновирање на јавните објекти, реформи во областа на рударството т.е. транзиција на рударските региони, преквалификација на околу 20 отсто од рударите во Босна и Херцеговина и вработување на околу 40 отсто од рударите во БиХ во други економски сектори.
Сепак, работниот тим на Советот на министри на Босна и Херцеговина на седницата што беше одржана на крајот на јули 2024 година не ја договори ниту ја усвои конечната верзија, така што до Европската комисија беше испратен нецелосен документ. Овој документ не ја претставува реформската агенда и тој не ги одразува сите препораки дадени од Европската комисија. Поради тоа што не беше постигнат договор за конечната реформска агенда за планот за раст, европскиот пат на Босна и Херцеговина е закочен, а проектите во областа на зелената и дигитална транзиција остануваат „во мирување“.
Горенаведеното се однесува на државното ниво на Босна и Херцеговина. Државните институции на Босна и Херцеговина, како и институциите на ентитетот Република Српска, се некои од оние што, до моментот на пишување на овој текст, не одговорија на моите поставени прашања. Институциите на Федерацијата Босна и Херцеговина одговорија на моето прашање, така што овој текст ќе се фокусира само на овој ентитет.
Во јануари 2024 година, Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина започна петгодишна стратегиска програма за зелена транзиција со цел воспоставување системски пристап и зајакнување на соработката за спроведување на зелената транзиција, која ќе биде усогласена со Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан.
Финансискиот договор за имплементација на стратегиската програма за зелена транзиција има вредност од 1,8 милион евра и предвидува поддршка за трансформација на деловното работење на најмалку 100 компании во Босна и Херцеговина, и тоа во металопреработувачката, дрвната, текстилната и градежната дејност, како и во производството на пластика, со примена на циркуларни практики и со истовремена подготовка за зелена финансиска поддршка. Дополнително, овие компании ќе добијат приспособена техничка поддршка со цел да се подготват за усогласување со барањата на ЕУ за воведување прекуграничен данок на ЦО2 (ЦБАМ), кој ќе важи и за Босна и Херцеговина.

Во јуни 2024 година во Посавинскиот кантон беа прогласени две нови заштитени подрачја (Старача и Тишина), тој кантон е дел од ентитетот Федерација Босна и Херцеговина. На крајот на јули беше потпишан финансиски договор за реализација на проектите за „Еколошко прифатливо управување со постојани органски загадувачи во индустријата и во секторот за управување со отпад во Босна и Херцеговина (ПОПС)“ и „Одржливост на заштитените подрачја во БиХ (СПА)“. Потоа, во средината на септември, Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, по предлог на сојузното Министерство за животна средина и туризам, ги утврди измените на Законот за заштита на природата.
Во однос на исполнувањето на обврските од Софиската декларација за Западен Балкан, сојузното Министерство за животна средина и туризам потврди дека спроведе активности во насока на подобрување на законодавната рамка, во смисла на усогласување на регулативата со регулативата на Европската Унија, а во релација на одредени компоненти од животната средина – заштитата на воздухот, хоризонтално законодавство, управувањето со отпадот и заштита на природата.
Донесен е и нов Закон за заштита на воздухот, вклучувајќи и Закон за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад, како и Уредбата за начинот на распределба и инвестирање на надоместоците што се наплаќаат за посебни категории отпад и за условите за доделување стимулации, Уредбата за производи, кои по употреба стануваат посебни категории отпад и критериуми за пресметка и начин на плаќање на надоместоците, и Правилникот за издавање дозволи за мали деловни активности во делот на управување со отпад.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата е испратен на разгледување и усвојување до Собранието на Федерацијата Босна и Херцеговина, а во тек е подготовката на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на животната средина. Со Уредбата за условите за испуштање отпадни води во животната средина и јавните канализациски системи, а врз основа на одредбите од Законот за води, е подготвен Правилник за измени и дополнувања на Правилникот за постапување и мерки во случаи на несреќи на води и во крајбрежните водни површини.
Во однос на проектите што се планирани и кои се опфатени со Зелената агенда, како што се вели на порталот „Истиномер“, Електростопанство на Босна и Херцеговина го реализираше само проектот за изградба на ветерен парк Подвележје Мостар, кој има инсталирана моќност од 48 MW, а се планира во непосредна близина да се изгради и соларна централа. Компанијата „Енергоинвест“ потпиша договор во октомври 2024 година за набавка на опрема за потребите на соларните централи.
Во делот на производство на електрична енергија од зелени извори на енергија, според податоците на Евростат, Босна и Херцеговина го надминала, за околу 45 отсто, просекот на Европската Унија, кој изнесува 37,5 отсто.

Западен Балкан – сè уште далеку од целта

Според Пипа Галоп од „ЦЕЕ банквоч“, Западен Балкан, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина, сè уште е далеку од целта. Ова може да се забележи во повеќе аспекти.
Околу 60 отсто од електричната енергија во Босна и Херцеговина се произведува во термоцентрали што користат јаглен. Токму овие термоцентрали, како и рудниците за јаглен, најмногу придонесуваат за емисиите на стакленички гасови. Според податоците на Центарот за одржлива енергетска транзиција – РЕСЕТ, емисиите на јаглерод диоксид што потекнуваат од енергетските блокови на термоцентралите во Босна и Херцеговина изнесуваат околу 14 милиони тони јаглерод диоксид годишно. Покрај јаглерод диоксид, термоцентралите испуштаат и големо количество прашина и сулфур диоксид.
Големите емисии на стакленички гасови значат и големи материјални трошоци, кои се одразуваат на влијанието врз земјоделската почва, шумите и врз здравјето на луѓето. Штетата од емисиите во Босна и Херцеговина, според процените на РЕСЕТ, изнесува 2,5 милијарди евра.
Субвенциите за јаглен и понатаму се на високо ниво. Според податоците на Центарот за истражувачко новинарство на БиХ (ЦИН БиХ) во периодот 2015 – 2017 година тие изнесувале околу 125 милиони евра.
Сето ова резултира со загаден воздух во повеќе градови во Босна и Херцеговина. Главниот град Сараево е еден од најзагадените градови во светот во зимските месеци. Просечната годишна концентрација на ситна прашина може да биде до трипати поголема од горните граници препорачани од Светската здравствена организација.
Патниот сообраќај исто така придонесува за загадувањето на воздухот во Босна и Херцеговина – повеќе од 90 отсто во вкупните емисии на ЦО2 што потекнуваат од транспортниот сектор. Вкупниот процент на емисии на стакленички гасови од овој сектор во 2018 година беше околу 18 отсто.
Босна и Херцеговина и понатаму е најмногу ориентирана кон изградба на мали хидроцентрали (МХЦ), кои предизвикуваат најголема штета поради тоа што ги уништуваат реките и другите природни ресурси, а резултираат со минимални придобивки за локалната заедница и општеството. Накратко, кога станува збор за овие хидроцентрали, штетата е поголема отколку користа. Дополнително на тоа, не се зборува за концепт на граѓанска енергија при изградбата на МХЕ и кога се спроведуваат други слични проекти.
Федерацијата Босна и Херцеговина има околу 2.000 диви депонии со комунален отпад, кои зафаќаат околу еден милион квадратни метри од површината на овој ентитет. Учеството на фармацевтскиот отпад е 20 отсто, хемискиот отпад е 23 отсто, a инфективниот отпад e 55 отсто. Босна и Херцеговина нема воспоставено законска рамка за циркуларна економија.
Кога станува збор за шумите, моменталната состојба можеме да ја објасниме со пример од општината Трново. Управата на оваа месна заедница во 2020 година дозволи нелегална сеча во близината на Олимпискиот центар на планината Бјелашница, со цел изградба на спортски терени, хотели и апартмани. Градоначалникот на Општина Трново, Ибро Берило, беше уапсен во август 2024 година под обвинение за злоупотреба на службената положба.
Само 18 града во Босна и Херцеговина имаат системи за третман на отпадни води, а само дел од собраните отпадни води, всушност, стигнуваат до овие системи.
Заштитените подрачја се соочуваат со многу проблеми – од дивоградби до фрлање отпад. Сето ова резултира со негативни влијанија врз живиот свет и биодиверзитетот во заштитените подрачја.

Зелената иднина на Босна и Херцеговина – надеж без оптимизам

Институциите на Босна и Херцеговина, како и институциите на двата ентитета на Босна и Херцеговина (Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска) не направија онолку колку што требало во изминатите четири години, односно од потпишувањето на Софиската декларација. Иако се подготвени некои акциски планови и стратегии, институциите повеќе работеа на избегнување и заобиколување на овие активности наместо на исполнување на преземените обврски. Овие обврски досега не беа предмет на процена ниту, пак, беа сфатени сериозно, па соодветно на тоа напредокот е ограничен или е непостоен. Затоа, тешко е да се очекува дека Босна и Херцеговина ќе стане јаглеродно неутрална земја до 2050 година, освен ако не ги забрза активностите за спроведување.
За да се постигне ова, институциите на Босна и Херцеговина на сите нивоа – сојузно, ентитети, кантонално и општинско – треба поактивно да се вклучат во исполнувањето на активностите предвидени со Зелената агенда и Софиската декларација. За тоа се потребни конкретни проекти и идеи, а исто така се неопходни и јасни процедури и донесување нови закони за заедничко и координирано дејствување на сите надлежни институции. Потребно е и усогласување на постојните со новите политики, со стратегиите и плановите. Општина Бреза е еден позитивен пример за тоа.
Група невладини организации од земјите од Западен Балкан излегоа со предлози за подобрување на Акцискиот план за имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан. Целта е да се постигнат подобри резултати и фондовите на ЕУ за заштита на животната средина да се искористат на поефикасен начин. „Без задолжителна имплементација и без последици во случај на неспроведување, напредокот е премногу бавен“, се вели во соопштението на оваа група невладини организации.
Обврските што беа преземени не беа предмет на оценка и не беа сфатени сериозно, па затоа истите тие не беа исполнети. Најдобар показател за тоа беа поплавите и свлечиштата што ја опустошија Босна и Херцеговина на почетокот на октомври 2024 година. Најголемите и најштетни поплави што ја зафатија БиХ се случија само два дена пред локалните избори и неколку дена пред годишниот министерски состанок за Зелената агенда за Западен Балкан, кој се одржа во Хамбург.
Овие поплави и одрони се најдобриот одговор на прашањето дали потфрливме во однос на Зелената агенда.

Минел Абаз

„Республика“