Американскиот претседател Џо Бајден ги повика денеска сојузниците на Украина да ја задржат својата решителност за поддршка за Киев во претстојната тешка зима.
Во изјавата пред неговиот состанок со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин, Бајден ја поздрави одлуката на Германија да ги зголеми трошоците за одбрана на два отсто од БДП што ги бара НАТО.
Тој исто така рече дека ќе разговара со Шолц за Иран.
Американскиот претседател синоќа допатува во Берлин во својата последна официјална посета како претседател, која беше фокусирана на поддршката на Западот за Украина и на проширениот конфликт на Блискиот Исток.
Тој ја нарече Германија „најблискиот и најважниот сојузник“ за неговата земја. Бајден го пофали Шолц за неговата поддршка за Украина.
– Покажавте мудрост со признавањето дека оваа војна означува пресвртница во историјата – рече тој, додавајќи дека „Америка и Германија се двата најголеми поддржувачи на Украина во нејзината борба да опстане како слободна и независна држава“.
Бајден рече дека Украина ќе има потреба од дополнителна поддршка во третата зима од војната, и иако трошоците ќе бидат значителни за западните сојузници, „тие се бледи во споредба со трошоците за живот во свет во кој доминира агресија“.
Американскиот претседател го пофали и Шолц за неговата поддршка за Израел по нападите на 7 октомври. Тој истакна дека Владата на Шолц „цврсто застанала против ужасниот пораст на антисемитизмот, омразата и екстремизмот“.
Бајден и Шолц ќе разговораат пред да се сретнат попладнево со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.