Во рамките на „Киненова“
Продуцентската куќа „Круг филм“ ја најави премиерата на документарниот филм „Последниот каубој“, по сценарио и во режија на Тадеј Чатер од Словенија. Премиерата се одржа во домот на културата „Билјана Беличанец“, како дел од деветтото издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.
Филмот ја раскажува приказната за Хари Џексон, бунтовник, вечен трагач по правдината и вистината и обожавател на вестерни од Биелина во БиХ, кој се осмелил да ги живее своите соништа, односно сопствениот живот да го живее како филмски лик. Фотографот и режисер на вестерни по потекло од Тетово, кој во 1966 година и официјално го променил сопственото име од Аљуш Мусли во Хари Џексон, снимил тринаесет вестерн-филмови во кои самиот ја играл главната улога на шериф. Од Биелина направил Санта Фе, од Дрина своето босанско Рио Гранде, а околните висорамнини, пак, му служеле како прерии. Сведоштвата на неговите блиски пријатели и семејството ја откриваат неверојатната приказна за моќта на поединецот, неговото спротивставување на времето и просторот и неговата верба во доброто и правдата.
Тадеј Чатер (1967) е словенечки сценарист и режисер, со долгогодишно искуство во различни креативни области, вклучувајќи улоги како новинар, колумнист и уредник во печатените и електронските медиуми, како и во телевизијата. Тој исто така е успешен автор, со објавени две книги есеи и голем број преводи на белетристика од англиски и хрватски јазик. Во текот на изминатите дваесетина години, негов примарен фокус е изработка на документарни филмови, каде што се јавува како сценарист, режисер и продуцент. Дополнително, Чатер ја споделува својата експертиза како ментор на филмски и телевизиски работилници и како предавач за правење документарен филм на различни семинари, работилници и фестивали. Чатер ги покажува својата креативност и умешност и во областа на промотивните филмови и реклами, потпишувајќи ги сценариото и режијата, и продуцирајќи над педесет видеоспота за низа музички групи. Неговите дела како сценарист и режисер последните неколку години ги вклучуваат документарните филмови „Приказната на баба“ (2023), „Ома“ (2021), „Мојата нова цел“ (2020), „Ластовичките летаат ниско“ (2018).
Другите членови на авторската екипа на филмот се: Јанез Штуцин (Словенија), директор на фотографија, Јулиј Зорник (Словенија), кој го дизајнираше звукот, Дејан Смилевски (Македонија), кој се јавува како монтажер, и Дамир Авдиќ (Босна и Херцеговина), кој е композитор. Продуценти се Владо Булаиќ и Лија Погачник од продукциската куќа „Децембер“ од Љубљана, Словенија, и Дејан Крајчевски, од македонската продукциска куќа „Круг филм“ од Скопје. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.