Проектот е посветен на рушење на бариерите и стереотипите, со цел отворање нови можности за девојчињата и младите жени во нашето општество
На конкурсот „Кон родовата еднаквост преку уметност“ на темата „Кое е твоето чудо?!“, организиран од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и „Стела“, пристигна значителен број стрипови, кои се во трка за престижните награди. Изложба на пристигнатите дела ќе се одржи денеска, со почеток во 11 часот, во центарот „Јадро“. Во рамките на изложбата ќе бидат прогласени победниците и ќе им се доделат сертификати и дипломи на сите учесници. Наградите ќе ги додели британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон.
Овој конкурс има цел да ги прикаже различните аспекти на борбата за родова еднаквост преку уметност. Стриповите што пристигнаа имаат мисија да поттикнат дискусии, да ги разбијат родовите стереотипи и да инспирираат промени кон поправедно и инклузивно општество. Без разлика дали се работи за лични приказни, општествени размислувања или имагинативни наративи, учесниците ги изразуваат своите уникатни перспективи и искуства. Вкупниот награден фонд за конкурсот изнесува 85.000 денари. Жирито што ги оценуваше стриповите е составено од: Оливер Андреевски и Теодора Милеска од НМСМ и „Стела“, Мајк Меклестер, британски професор по англиски јазик и стрип-уметник, и Нада Прља, уметница и универзитетска предавачка од областа на уметноста.
Конкурсот е дел од проектот „Еднакви можности за девојчиња и млади жени во Северна Македонија“, кој се реализира од НМСМ и мрежата „Стела“ со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје. Проектот е посветен на рушење на бариерите и стереотипите, со цел отворање нови можности за девојчињата и младите жени во нашето општество.