Изложба на ранохристијански винички теракотни икони е отворена во Белград, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград“ и по повод одбележувањето на десетгодишниот јубилеј од формирањето на здружението на Македонци во Белград „Македониум“. Изложбата е поставена во галеријата на Куќата на Ѓура Јакшиќ (на боемска Скадарлија). На изложбата се презентирани 12 копии од уникатните керамички релјефи од 5 и 6 век и осум банери, на кои се презентирани 14 мотиви од иконите, кои сведочат за едно длабоко познавање на ранохристијанското учење во Македонија.
Синиша Новевски, скулптор и претседател на одборот за култура на Националниот совет на Македонците во Србија, рече дека последна ваква значајна изложба на виничките икони е одржана во 1991 година во Белград.
– Конекцијата на оваа изложба е поврзана со еден од најпознатите српски археолози Милутин Гарашанин, кој во 1960-тите и 1970-тите години почнува помалку да открива од теракотните икони, што како корелација меѓу Белград и Македонија е значајно за оваа изложба. Теракотните икони од Виница се на ист ранг како што се скулптурите од Лепенскиот вир во Србија, Стоунхеџ од Англија. Затоа сакавме и имавме цел нив да ги претставиме пред белградската публика, сметајќи дека ќе побудат интерес – рече Новевски.
Изложбата на теракотните икони од Виничкото кале во Белград ќе трае до 6 декември, а нејзиното отворање го поддржаа министерствата за култура на Србија и на Македонија.