Познатиот актер Ал Пачино откри дека студиото не било задоволно од снимените сцени, а потоа режисерот повлекол свој потег. Неговите мемоари, насловени „Сони бој“, ќе бидат објавени на 15 октомври

Филмски вести

Легендата на Холивуд, Ал Пачино, еден од најдобрите и највлијателни актери на денешницата, за малку ќе добиел отказ од „Кум“, филмот што веќе на почетокот на неговата кариера го вброи меѓу најдобрите. Денес, 84-годишниот Пачино, крунисан со сите можни најпрестижни награди, од „оскари“ до „еми“, проговори за тоа како работите не му оделе толку лесно и како имал многу проблеми на снимањето. Тој, всушност, откри како за малку ќе добиел отказ од тој проект бидејќи продукцијата се сомневала во неговиот перформанс.
Имено, во извадок од неговите нови мемоари „Сони бој“ објавени ексклузивно во „Гардијан“, Пачино вели дека не му се допаѓала сцената за која морал да оди на аудиција, која била емотивно ниска и главно се состоела од експозиција. Сепак, му беше доделена улогата на Мајкл Корлеоне, блудниот син на мафијашкиот шеф Вито Корлеоне (Марлон Брандо) во легендарниот криминалистички филм од 1972 година. Режисерот Френсис Форд Копола го фаворизираше Пачино пред сите други, а како што се пишуваше, конкуренција му беа Џек Николсон, Роберт Редфорд, Ворен Бити и тогаш исто така малку познатиот Роберт де Ниро. На крајот, потсетува „Индепендент“, Пачино доби одлични критики и номинација за „оскар“ за улогата во филмот, но негативните реакции за неговата работа по снимањето на првите неколку сцени, тој сѐ уште добро ги помни.
Откако започнало снимањето, тој напишал: „Дајан Китон и јас ги поминавме првите неколку дена смеејќи се еден на друг, морајќи да ја изведеме таа свадбена сцена што толку многу ја мразевме. Бевме сигурни дека кога ќе завршивме со снимањето, ќе се вративме на Менхетен и ќе се опиеме. Мислевме дека нашите кариери по тој филм се завршени.
Кога директорите на ’Парамаунт‘ почнале да ја прегледуваат снимката, Пачино тврди дека почнале да се прашуваат дали тој е вистинскиот актер за улогата“.
– Имаше гласини околу сетот дека ќе ме отпуштат. Можеше да се почувствува тоа губење на ентузијазмот додека работевме. Имаше непријатност меѓу луѓето од екипата. Бев свесен за тоа. Таму се зборуваше дека ќе ме отпуштат, а веројатно и режисерот затоа што тој е одговорен што јас сум во тој проект – откри тој, додавајќи дека ги прегледал сцените снимени во тоа време и заклучил дека тие не се ништо спектакуларно.
– Но токму тоа се бараше од нас – вели Пачино.
Според приказната на актерот, било одлучено да се премести сцената во ресторанот каде што Мајкл им се одмаздува на двајца непријатели и да ја сними порано од планираното. Идејата беше да му се дозволи на Пачино да покаже за што е способен. И тоа функционираше.
– Поради таа сцена, ме задржаа во филмот и не добив отказ – откри Пачино. Неговите мемоари насловени „Сони бој“ излегoa на 15 октомври.