Три лица загинаа, а пет се повредени во сообраќајката што се случи попладнево на автопатот Скопје – Велес, велат од МВР за МИА. Несреќата е пријавена во 17.45 часот, а до неа дошло откако на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот, се превртело комбе.
-До сега е констатирана смрт кај три лица, а пет се пренесени во болница за укажување помош. На лице место се упатени полициски екипи и јавен обвинител – изјавија од МВР за МИА.
Според АМСМ, поради сообраќајката се блокирани двете сообраќајни ленти на автопатот Скопје – Велес. Сообраќајот е во прекин од 17.45 часот и се пренасочува преку Петровец – Велес (по стариот пат), Миладиновци – Св.Николе – Велес – Штип.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и увидни екипи на МВР вечерва вршат увид на лице место на сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес – информира ЈОРМ.
На местото на несреќата е повикан и сообраќаен вештак за утврдување на причините.
Според ЈОРМ, се преземаат увидни дејствија, а јавниот обвинител ќе ги издаде сите потребни наредби за вештачења.