Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска
Д-р Бранислав Светозаревиќ, историчар и автор на книгата „МАКЕДОНЦИ, милениумски сведоштва за идентитетското име“, со својот сопатник Ацо Крстески, претседател за Европа на СМК, на својата дваесетдневна турнеја посетија шест европски држави; Австрија, Германија, Швајцарија, Италија, Словенија и Хрватска, презентирајќи ја книгата пред македонската дијаспора. Во повеќето градови во Европа кои ги посетија наидоа на многу голем интерес меѓу Македонците за оваа интегрална студија за македонското етничко име.
Книгата е комбинација на преку 1.000 автентични сведоштва во периодот од 2.000 години, во кои на експлицитен начин се спомнува етничкото име „Македонци“ на просторот на Македонија. Низ тој голем период идентитетското име на Македонците се среќава во три форми: територијална, народности (етно-историска) и национална. Покрај автентичните сведоштва, авторот на ова волуменозно дело, дава и анализа на секој од периодите низ кој поминувал процесот на користењето на идентитетското име.
Авторот Светозаревиќ за потребите на оваа книга се консултирал со 14 доктори на науки и специјалисти од различни периоди и прашања на историјата.
Македонците во Сплит ја прегрнаа книгата, притоа покажувајќи извонредно големо интересирање за многу делови од македонската историја кои за нив биле недоразјаснети. Во една срдечна и топла атмосфера поминуваа постпрезентативните моменти исполнети со многу прашања од историјата на кои авторот даваше одговори исполнети со автентични историски примери кои ги појаснуваа и дополнуваа одговорите.
Во текот на турнејата беа донирани примероци на книгата во македонска и англиска верзија на универзитетите во Виена, Хајделберг и Франкфурт, како и во седиштето на Обединетите нации во Женева.
– Во една пријатна атмосфера, каде што бевме почестени со присуство на двајца хрватски професори господин Јосип Милат и господин Стјепан Лапенда, заврши и последната презентација за оваа европска турнеа, на книгата „МАКЕДОНЦИ, милениумски сведоштва за идентитетското име“ со музичкиот состав „Стоби“ од Сплит. Покрај тоа имавме и интервју во Хрватската радио телевизија, одд ел Хрватско радио Сплит, кај репортерката госпоѓа Миранда Храбар – изјави Ацо Крстески.