Фото:ЕПА

Заменик-лидерот на либанската милитантна група Хезболах, Наим Касем денеска изјави дека групата ќе престане да го гранатира Израел под услов израелската армија целосно да ги прекине нападите.

Касем рече дека ако Израел не ја прекине својата агресија, Хезболах ќе изврши напади низ Израел како одговор на израелските напади во Либан, нагласувајќи дека целта на групата е да ги ослободи териториите окупирани од Израел и да ги поддржи палестинските движења кои се борат против израелската армија во Појасот Газа.

– Ние ја докажавме нашата способност да ги нападнеме Тел Авив и Хаифа и ако непријателот не запре, радиусот на уништување на нашите напади ќе се прошири, принудувајќи не стотици илјади, туку повеќе од два милиони жители да се кријат во засолништата – посочи Касем.

Тој рече дека Хезболах усвоил нова борбена стратегија за, како што наведе, Израел „да ги почувствува страдањата“ – пренесе „Гардијан“.

Касем истакна дека Хезболах го смета Израел за „агресор“ што претставува реална закана за регионот, како и дека Израел сака „да ги контролира сите муслимани“. Тој во телевизиско обраќање рече дека Израел сака „да ја прошири својата окупација и дека Палестина не е доволна за Израел – пренесува Ал Џезира.

– Израел исто така сака да ја контролира целата територија на арапските држави и сите муслимани – рече Касем.

Според него, Израел спроведува „политика на масакр“ и сака да ги заплаши луѓето со „брутални злосторства“ и има целосна поддршка од американската влада.