Нови моменти во сведочењето на Зорица Ѓорчевска, мајка на убиената Вања. Таа денеска пред судот децидно изјави дека никој не им побара откуп. На прашање на судијата кога Александар прв пат рекол дека Вања е киднапирана, таа не беше сигурна, но рече дека во автомобилот додека ја барале Вања по Партизанска, Александар почнал да зборува дека таа е киднапирана.
– Од прв момент го зборуваше тоа. Во текот на наредните денови повторуваше дека е киднапирана – јас му велев кој би ја грабнал? Во еден од наредните денови му се развикав да престане да зборува за тоа дека е киднапирана, зашто дотогаш никој не ни побарал откуп – рече Зорица и додаде дека од продажбата на станот ѝ останале 30.000 евра.
Претходно таа објасни дека во нејзина сопственост има станови во Капиштец и во Аеродром, како и мал стан во Охрид, кои ги наследила од нејзините родители. Имала и стан од 80 квадрати на улица Бојмија во Скопје, кој го продала за 83.000 евра. Со парите затворила минуси на картички и си купила возило, дел од парите ги орочила и реновирала друг стан.
Даде детално објаснување и за станот во кој живееле.
-Во овој стан живеевме само два месеца. Претходно живеевме на улица „Славе Деловски“, кој e мој стан. Тој на „Н. Н. Борче“, беше мој, па го дадов на мојот маж Александар Ѓорчевски, а потоа пак премина во моја сопственост. Тој инсистираше да биде префрлен на негово име, за ако нешто се случи, децата да имале оставина.Тоа беше во 2018 година. Бидејќи децата сакаа да живееме таму, јас побарав да се префрли на име на децата, односно на мое име, како нивни старател. Ја почнавме постапката, се согласи и Александар едниот стан да биде препишан на едното, другиот на другото дете. Тој беше и на нотар. Но таа заверка никогаш не беше завршена. Се преселивме и јас престанав да инсистирам – кажа мајката.
Адвокатот на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо ја праша Зорица дали го познава провообвинетиот, на што таа рече:
– Не, ама знам кој е, татко ми купи стан од него.
На прашањето дали Александар и Палевски се познавале, Зорица рече дека не знаела.
– Немам никакви сознанија, не следам медиуми, живеам во четири ѕида за да го заштитам детето од наслови и не знам што се шпекулира – рече таа и додаде дека од медиумите дознала дека Александар е притворен.