Успешен настап на џудистите на Миоки

Ерик Крстев освои две злата во две возрасни групи, а Емилија Паскоска доби признание за најуспешна натпреварувачка до 14 години

ЏУДО – ТУРНИР ВО ВИНКОВЦИ

Џудистите на скопскиот клуб Миоки, предводени од тренерот Игор Паскоски, постигнаа голем успех на меѓународниот турнир „Хигл опен“ во Винковци (Хрватска), освојувајќи вкупно 12 медали, од кои седум златни, два сребрени и три бронзени.
Ерик Крстев прикажа одлични борби освојувајќи две злата во две возрасни категории, а Емилија Паскоска доби признание за најуспешна натпреварувачка на турнирот во групата џудистки до 14-годишна возраст.
Со златни медали на турнирот во Винковци се закитија Виктор Тричков (возрасна категорија до 12 години, тежинска категорија до 66 килограми), Ерик Крстев (до 14 и до 16 години, до 55 кг), Емилија Паскоска (до 14 год., до 44 кг), Хамида Друштинац (до 16 год., до 40 кг), Георгина Блажеска (до 18 год., до 52 кг) и Ива Богдановска (до 18 год., до 63 кг). Сребрени медали освоија Тричков (до 14 год., до 66 кг) и Паскоска (до 16 год., до 44 кг), а носители на бронза се Друштинац (до 18 години, до 44 кг) и Петар Давчев (до 16 и до 18 години, до 66 кг). Г.И.