КИЦ - Истанбул

Во ноќ на културна хармонија и музички сјај, реномираниот хор „Менада“ од Тетово
настапи пред бројната турска публика во исполнетата ерменска катедрала „Сурп
Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул.

Концертот се одржа по повод државниот празник „11 октомври – Денот на македонското востание“, како дел од годишната програма на Македонскиот културен центар, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.

Хорот, под диригентство на маестро проф. д-р Ивица Зориќ, приреди исклучителен
настап изведувајќи дел од својот огромен и разноводен репертоар на духовна музика
придружена со популарни македонски народни песни. Концертот ја воодушеви
публиката, предизвикувајќи длабоки емотивни реакции и чувство на заедничка
културна гордост.

На настанот присуствуваше и македонскиот амбасадор во Република Турција г-дин
Јован Манасијевски кој на присутните им го честиташе празникот, како и
генералните конзули на Македонија и Албанија во Истанбул, г-дин Идрис Фазлиоски
и Арманд Шандро. Во име на Истанбулската филхармонија се обрати г-ѓа Есма
Лајичи, член на Управниот одбор на Филхармонијата.

Настанот го отвори директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја истакна потребата од зголемена институционална соработка меѓу двете држави, акцентирајќи ја неопходноста за продолжување и поттикнување на културната размена, прикажувајќи повеќе настани кои во иднина ќе го воспеваат спојот на македонската и турската култура.

Хорот „Менада“ на својот репертоар има поставено повеќе од петстотини
ренесансни, класични, современи композиции, македонски музички фолклор,
духовни и евергрин композиции. Учествувајќи на бројни домашни и меѓународни
фестивали, конкурси и концертни турнеи се има стекнато со голем број престижни
награди, признанија и пофалби. Хорот со гордост го носи епитетот „Светски македонски хорски музички амбасадори“.

Менада има настапувано на сите значајни фестивали во Македонија со Македонската филхармонија и други камерни ансамбли, а има исполнето композиции на повеќе од 15 светски јазици настапувајќи во 20-тина

држави.