Македонскиот првак на свој терен во првиот меч победи со 3-0 (25-19, 25-23, 25-19), пред реваншот на 16 октомври, за пласман меѓу најдобрите 32 екипи во овој куп сезонава
Одбојкарите на македонскиот првак Струмица по пауза од две години ја остварија својата прва европска победа. Струмичани на свој терен, во салата „Парк“, славеа со 3-0 во сетови (25-19, 25-23, 25-19) на дуелот со Фино Капошвар од Унгарија, во првиот меч од првото коло во Купот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Ако противникот биде елиминиран по двете средби, тогаш Струмица ќе се пласира меѓу најдобрите 32 екипи во овој куп сезонава.
Македонскиот шампион, кој имаше апсолутна контрола на теренот во текот на целиот натпревар, беше предводен од капитенот и најдобар македонски одбојкар Никола Ѓоргиев, кој беше најефикасен, со 18 поени, а Филип Маџунков поентираше девет пати, Славе Наков осум, Александар Љафтов седум пати…, додека кај ривалот предничеше Патрик Хубичка со 15 поени. Реванш-натпреварот е на 16 октомври во Капошвар (од 18 часот).
Струмица го продолжи својот настап во Европа, по елиминацијата во квалификациите во Лигата на шампионите, од грчкиот Олимпијакос. Г.И.