Фото: Пиксабеј

Можен ли е живот на сателитот на Јупитер?

Јупитеровата месечина Европа ги интригира научниците со децении, благодарение на нејзините уникатни карактеристики, кои потенцијално би можеле да поддржат живот. Оваа ледена месечина, една од најголемите месечини на Јупитер, е обвиткана во слој мраз што покрива течен океан под неговата површина, што го прави еден од најсериозните кандидати за вонземски живот во нашиот Сончев Систем.
Иако не постојат директни докази дека постои живот на Европа, присуството на течна вода, хемиските состојки неопходни за живот и можната хидротермална активност укажуваат на тоа дека Европа може да има услови слични на оние на Земјата, каде што животот се среќава во екстремни средини. Се очекува мисијата „Еуропа клипер“ да донесе повеќе податоци што ќе ни помогнат да одговориме на прашањето – дали сме сами во универзумот или некои форми на живот нѐ чекаат под ледената кора на Европа.
Со години НАСА планира мисии што темелно би ја истражиле можноста за живот на Европа. Една од највозбудливите мисии во овој поглед е „Еуропа клипер“. Целта на оваа мисија е да се истражат површината на Европа, нејзиниот состав и геолошките процеси, но и да се бараат знаци што би укажувале на постоење биолошки процеси во нејзиниот океан. Тоа е вселенска сонда и исто така најголемото вселенско летало некогаш развиено од НАСА за планетарна мисија. Лансирањето е планирано за денеска, а леталото би ја проучувало месечината Европа низ серија прелетувања додека е во орбитата околу Јупитер.
Најзабележителна карактеристика на Европа е нејзиниот подземен океан, кој се проценува дека содржи двојно повеќе вода од сите океани на Земјата заедно. Иако површината на Европа е покриена со дебел слој мраз, научниците веруваат дека поради внатрешното загревање предизвикано од гравитационите сили на Јупитер, под тој мраз се крие течен океан. Оваа теорија се заснова на податоците добиени од мисиите „Галилео“ и „Војаџер“ на НАСА.