Во уметничкиот салон на центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево беше отворена изложбата со наслов „Камен“ на Христина Крстеска, уметница со кичевско потекло, која моментално живее во Скопје. Портпаролката на центарот за култура во Кичево, Маја Николоска-Сиљаноска ја прогласи изложбата за отворена.
– Христина Крстеска е визуелен уметник и истражувач. Има завршено дипломски и магистерски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во групата сликарство, но нејзината уметност се базира на мултимедијални практики. Таа во уметноста работи со интердисциплинарен пристап учејќи ја геологијата со фокус на истражување на карпестите пејзажи, кои на каков било начин биле под влијание на човечки активности и разгледувајќи ги морфолошките промени што се случуваат поради антропогени процеси – истакна Николоска-Сиљаноска.
Уметницата истакна дека иако карпите ги класифицираме во мртва природа, сепак тие не се целосно инертни, напротив, тие се во постојано движење, а нашите секојдневни процеси почнуваат да влијаат врз нивното седиментирање. З.А.