Ова е првпат Светската метеоролошка организација на Обединетите нации да соработува со меѓународна спортска федерација
Интернационалната скијачка федерација (ФИС) и Светската метеоролошка организација (СМО) информираа дека формирале ново партнерство фокусирано на издигнување на свеста за влијанието на климатските промени врз зимските спортови и врз туризмот. Нивното партнерство, исто така, ќе го одбележи првиот пат кога СМО на Обединетите нации ќе соработува со меѓународна спортска федерација, а договорот ќе стапи во сила пред зимската сезона 2024/2025.
– Уништени зимски одмори и откажани спортски натпревари се буквално врвот на ледениот брег на климатските промени. Повлекувањето на глечерите, намалената снежна и ледена покривка и одмрзнувањето на вечниот мраз имаат големо влијание врз планинските екосистеми, заедници и економии и ќе имаат сѐ повеќе сериозни последици на локално, национално и на глобално ниво во наредните векови – изјавата генералниот секретар на СМО, Селест Сауло, пренесе „Ројтерс“.
Топлото време и пократката сезона ги загрозуваат зимските спортови и ја тестираат решителноста на професионалците и аматерите низ Европа. Така, во сезоната 2023/2024, ФИС организира 616 трки од Светскиот куп (СК) меѓу сите дисциплини низ 166 места, но 26 беа откажани поради временски причини. Европските скијачки дестинации имаа цели планини без снег и напуштени скијачки центри, а зголемените температури ја загрозуваат скијачката индустрија низ светот, пишува „Ројтерс“.
– Климатската криза очигледно е многу поголема од ФИС или од спортот, таа е вистинска раскрсница за човештвото. Сепак, точно е дека климатските промени се, едноставно кажано, егзистенцијална закана за скијањето и за сноубордот. Би биле невнимателни доколку не ги продолжиме сите можни напори што се вкоренети во науката и во објективната анализа. Ова е она што се обидуваме да го следиме и што е сржта на ова ветувачко партнерство со СМО – рече претседателот на ФИС, Јохан Елиаш. Г.И.