Во очекување на претстојниот „Скопје дизајн викенд“, на 19 октомври (сабота), од 11 до 16 часот, во просториите на „Паблик рум“ во Скопје ќе се одржи работилница за редизајн на ранец. На настанот, кој се реализира во соработка со „Литература.мк“, може да учествуваат сите млади креативци и талентирани дизајнери. Под менторство на познатата модна креаторка и професорка Лидија Георгиева, тие ќе редизајнираат ранци, инспирирани од темата на годинашното издание на „Скопје дизајн викендот“, „Чиста мобилност“, како напреден пристап кон почиста, подобра и поефикасна непосредна околина, земја, континент. Во рамките на работилницата дополнително ќе се работи и на редизајн на маица.
Редизајнираните ранци и маици ќе бидат изложени во „Литература.мк суперстор“ за време на ова издание на настанот, од 6 до 10 ноември.
Настанот е со ограничен број од 20 учесници, а избраните кандидати ќе бидат известени на нивната е-пошта.