Фотографии: Каролина Мицевска

Бодрум е познат по врвната туристичка понуда, историските знаменитости, убавите плажи, одличните ресторани и ноќниот живот

Репортажа на нашата дописничка од патувањето во Бодрум

Бодрум или поранешниот Халикарнасус, кој се наоѓа на истоимениот полуостров, со над 30 илјади жители и милиони туристи годишно што доаѓаат да го посетат, е најпопуларното место за одмор во Турција, монденско летувалиште или, како што често знаат да го наречат, турско Сен Тропе. Некогашното место за средби на рибарите, денес е монденско летувалиште со пристаниште во кое се „начичкани“ бели луксузни јахти. Дише во духот на модерните европски градови, а особено плени со белите куќи, кои се забележуваат надалеку, и со богатото историско и културно наследство. Убаво е да се појде барем еднаш во Бодрум, градот на бегонијата, кој ќе ве воодушеви. Таков беше и случајот со мене. Уште кога стапнав на неговото тло, ме плени. Па така, сакав да го прошетам вдолж и попреку, да се запознаам и визуелно и физички со убавината на градот. Започнав со прошетката од марината, каде што престојуваат модерните луксузни јахти, па потоа надворешно ја разгледав тврдината, оставајќи ја внатрешноста за друг ден и продолжувајќи покрај џамијата, низ тесните улички, сѐ до другиот дел на градот, каде што се наоѓаат популарните барови и ресторани. Сонцето полека заоѓаше и создаде нереален, речиси мистичен ноќен изглед на градот.

Вистинска туристичка атракција што плени

Бодрум е вистинска туристичка дестинација што плени со прекрасното море, спојот на природната убавина и историските локалитети, каде што се зачувала традицијата, која оди рамо до рамо со модерното и ги задоволува речиси сите вкусови на туристите, кои имаат што да разгледаат.
Шетајќи низ Бодрум ќе уживате во убавата околина, во мирисот на морето, во продавниците што нудат производи од познати марки. Тука се и повеќето трговски центри. Ако џебот ви е пополн, дозволете си, купете некој брендиран производ. Задолжително купете сувенири што ќе ве потсетуваат на вашиот престој во овој бел и атрактивен град, со чисто море, со куќи со иста висина – приземје и кат.

Тврдината Свети Петар – најпозната знаменитост

Помеѓу двете пристаништа е сместена импозантната тврдина Свети Петар од 15 век, која доминира со Бодрум од која било страна да погледнете. Тоа е најпознатата и најатрактивна знаменитост на градот – импресивен средновековен замок изграден од витезите на Свети Јован, христијански воини што се бореле на овие простори. Некогаш замокот служел како болница, утврдување, црква…, а денес е еден од најдобрите музеи во светот. За 23 евра можете комплетно да се разгледа, да се види богатството со кое располага градот. Тука ќе видите сѐ – од амфори до најразлични археолошки предмети откриени при долгогодишните археолошки истражувања. Дури и царски венец, со кој можете и да се фотографирате. Има пет кули, неколку објекти, а околу е доизградената тврдина, од каде што посетителот, вклучувајќи ме и мене, има фантастичен поглед на морето, заливот и на градот. Едноставно човек се заборава шетајќи низ замокот, кој ноќе е осветлен и е вистинска атракција. Посетете го и античкиот театар што е во непосредна близина на градот, објект типичен за овој период. Ако посетителот не е задоволен од претставата, барем има што да гледа – во преубавиот Бодрум. Реставрацијата на театарот започнала во 80-тите години од минатиот век, а бил завршен по 2005 година.

Марината изобилува со луксуз

Она што особено плени е шетањето покрај марината, од каде што големиот број бродови пловат кон различни дестинации. Важно е да пронајдете дестинација на која сакате да одите, пријатен брод и да се упатите на еднодневна прошетка. Овој регион изобилува со луксузни ама скапи ресорти и хотели, од кои некои имаат сопствени плажи, некои не. А морето во септември е чисто, кристално јасно, водата топла, плажите песочни. Ако сакате да појдете на некоја од другите плажи, треба да крстосувате. Има многу агенции што нудат еднодневно доживување на море, во кое е вклучен и ручек. Едноставно препуштете му се на задоволството. Капете се во убавата морска вода и уживајте во бескрајната морска ширина.
Бодрум е град што не спие. По заоѓањето на сонцето, во вечерните часови се нудат многу опции за забава, која трае до утринските часови. Пабовите и баровите се во центарот на градот, покрај брегот. Во зависност од вашиот вкус и од расположението, можете да изберете барови со различен стил, ама без да појдете на турска вечер, не враќајте се од Бодрум, но и без да вкусите традиционални специјалитети. Едноставно, доживејте го Бодрум со сите сетила, за да ви остане посетата во долго сеќавање.