Илустрација: „Нова Македонија“

Последниот настап на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Обединетите нации и изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дадени во земјава покажуваат дека доскорешната политика на „свиткан ‘рбет“ само ја доведе државата во сервилна позиција кон соседите и кон ЕУ, па затоа крајно време е да почнат да се исправаат погрешните политики од минатото. Постепено, но сигурно

Во мисија за враќање на почитта кон меѓународното право и исправање на неправдата кон Македонија

Клучно за секоја држава е да има унисона надворешна политика, политика што ќе придонесе за полесно остварување на националните интереси и цели, но и да испрати порака до сите оние што мислат преку уцени и девалвирање на меѓународното право да ги остварат своите нескриени аспирации кон Македонија, да бидат свесни дека тоа повеќе не поминува. Она што е клучно во овие времиња на големи геостратегиски прегрупирања, тоа е Македонија да демонстрира единствен став по прашањата што ја засегаат нејзината иднина како држава, но и иднината на нејзините граѓани.

Вета, диктати, уцени – до кога?

Последниот настап на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Обединетите нации и изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дадени во земјава покажуваат дека политиката на „свиткан ’рбет“ само ја доведе државата во сервилна позиција кон соседите и кон ЕУ, па затоа крајно време е погрешните политики од минатото да почнат да се исправаат.
– За нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“. Така, станавме „sui generis“ држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“! Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето, зошто каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за пробив на малигни империјални и великодржавни влијанија. Проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхашки критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет. Од нашите европски и стратегиски партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи – порача претседателката Силјановска-Давкова во обраќањето на генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на темата „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашната и за идните генерации“.
Таа уште потсети дека неправдите кон Македонија се системски, што значи, дека ако не се легализирани, тогаш се премолчено толерирани.
– Она што е легално, за жал, не секогаш е праведно и морално – порача македонската претседателка, притоа додавајќи дека ОН се тука за да обезбедат правна еднаквост меѓу нациите.
Според неа, ОН се тука да ја скротат моќта на големите и да ги заштитат малите народи.
– Токму таа правна еднаквост е предуслов за постигнување на врвните цели на Обединетите нации – мирот и безбедноста, човековите права и одржливиот развој. Обединетите нации постојат за да го надминат или барем да го намалат јазот меѓу легалното и праведното.
Пред голем предизвик сме: како правното да стане и праведно, односно праведното легално? И, како, она што е легално и праведно да се имплементира – истакна претседателката.
Со слични пораки настапи и премиерот Христијан Мицкоски, кој, пак, коментирајќи ја одлуката на ЕУ да ги раздвои Македонија и Албанија од заедничкиот евроинтегративен процес, истакна дека се испраќа лоша порака до македонските граѓани.
– Мислам дека многу работи што никој не ги направил, што сега е кандидат, преговара или што е членка, ние ги направивме и кои немаат никаква врска со Копенхашките критериуми. Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка. Жалам што претходната влада егзибистички прифаќаше сѐ и мавташе со европско знаме – вели Мицкоски.
Тој нагласи дека го дели впечатокот со огромното мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе, на сметка на национални, идентитетски отстапки, без гаранции да се прифаќаат услови.

– За мене тоа е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара, тогаш не, благодарам – порача Мицкоски.
Несомнено изјавите на претседателката и на премиерот јасно укажуваат дека Македонија повеќе не е подготвена да прифаќа услови што претставуваат уцена и диктат, но и кои се спротивни на меѓународното право, кое големите држави флагрантно го кршат и произволно го толкуваат, само колку да ги оправдаат своите нелегални дејанија.
Она што е базична основа ОН да опстојат и во иднина, тоа е организацијата повторно да се врати на воспоставување на меѓународното право како единствена алатка да се скроти меѓународноправната анархија што го турка светот во бездна од која нема враќање.
Изјавите на Силјановска-Давкова и на Мицкоски оставаат простор Македонија да ја започне таа борба преку меѓународноправна битка за исправање на сите неправди што ѝ беа нанесени, почнувајќи од зачленувањето во ООН, па до промената на името на државата што се случи токму под закрила на светската организација.
Токму ОН и Македонија треба да бидат иницијаторите за повторно воспоставување на владеењето на меѓународното право преку исправање на грешките од минатото.
Никогаш како сега не е созреано времето за подготвување македонска декларација до ОН во која ќе се побара почитување на Повелбата на организацијата, во која јасно стои дека секоја држава има суверено право самата да си ги одредува името, идентитетот на народот и јазикот, без право некој да го спречува и оспорува тоа.


Имајќи предвид дека државното име како државно-правен идентитет е правна категорија, која претставува есенцијален елемент на правната личност, а ова е
супстанцијален елемент на државноста (со суверена власт, територија и популација), произлегува дека надлежните органи на ООН при приемот на Македонија
во членство ги пречекориле своите овластувања!

Експертите по меѓународно право заговараат и порадикален приод, бидејќи ООН при приемот на Македонија во членство ги пречекорила своите овластувања

Дали пристап базиран исклучиво на принципите на меѓународното право, без политичко тактизирање, ќе даде плод?

Еден од оние што подолго време заговара радикална и бескомпромисна правна битка е професорот по меѓународно право Игор Јанев, според кого, меѓународното право е на македонска страна и Македонија не треба едноставно да го прифати неправото така што премолчено ќе ја легализира дивоградбата „северна“.
– Имајќи предвид дека државното име како државно-правен идентитет е правна категорија, која претставува есенцијален елемент на правната личност, а ова е супстанцијален елемент на државноста (со суверена власт, територија и популација), произлегува дека надлежните органи на ООН при приемот на Македонија во членство, ги пречекориле своите овластувања!
Елементи на државност во меѓународното право се: 1. суверена власт; 2. територија; и 3. популација, односно народ, кој остварува јурисдикција врз територијата што ја владее и поседува. Елементот суверена власт го вклучува и правниот субјективитет, а овој како основен елемент го содржи правниот идентитет, односно името (правниот идентитет е исто што и името)! Заклучок од целата оваа нелегална и нелегитимна постапка со промената на името на државата Македонија е дека таквите преговори и спогодбата помеѓу Димитров и Коѕијас од 17 јуни 2018 година за името се беспредметни! Спор е всушност замена на теза: постои непризнавање на државата Македонија од само една држава – државата со главен град Атина! Суверенитетот на државата Македонија се однесува не само на правно дефинираната територија (територијална јурисдикција) туку и на народот, односно граѓаните што живеат на таа територија и се под јурисдикција на државата Република Македонија! Историските присвојувања и подметнувања не се и не можат да бидат предмет на спор! Решението на ова грубо кршење на домашното и меѓународното право, особено на Виенската конвенција за договорно право од 1969 година е многу едноставно! Претседателот, премиерот или министерот за надворешни работи испраќа нота до Владата во Атина и до генералниот секретар на ООН, која гласи: „Со оваа нота, која стапува во сила веднаш, Ве известуваме дека, врз основа на членовите 46 и 53 од Виенската конвенција за договорното право од 23 мај 1969 година, Спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година се смета за раскината! Членството во ООН, Македонија го продолжува како Македонија! – објаснува Јанев.
Според последниот пример со Палестина, професорот Јанев предлага Македонија да го актуализира прашањето за враќање на уставното име во рамките на Генералното собрание на ОН, каде што со гласање на мнозинството од присутните може да се врати загубеното достоинство.
Очигледно македонскиот државен врв повеќе не е подготвен да молчи за уцените и неправдите што ѝ се нанесуваат на државата само поради некакви празни ветувања за европска иднина и за да не ги навреди меѓународните партнери, кои навикнаа на македонската сервилност, па според последните изјави што ги даваат македонските власти, очигледно Македонија е решена сама да се избори за својата позиција и во однос на ЕУ, но и во регионален контекст. Она што е клучно, тоа е во следниот период, покрај оваа битка, да се води уште посериозна внатрешна битка за реструктурирање на системот, кој е максимално руиниран и нефункционален, така што акцентот ќе се стави на владеење на правото, силна економија и бескомпромисна борба со корупцијата. Ова се клучните елементи што овозможуваат градење силна држава што утре ќе може решително да влезе во секаква битка за остварување на сопствените национални интереси, врз база на реципроцитет, заемна почит и исклучиво врз база на почитување на меѓународното право. С.Т.