Уставниот суд денеска донесе одлука за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за електронски комуникации кој пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа и дека операторите се должни задржаните податоци по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон. Согласно одлуката на Уставен, Собранието има рок од шест месеци да ги смени одредбите од овој закон, во спротивно, тие ќе бидат укинати или поништени.
На јавната расправа по однос на иницијативата што се одржа денеска, судиите кои го споделија своето мислење беа согласни дека одредбите се неуставни и посочија дека е неопходно уредување на регулативата.
Судијката известител за предметот, Татјана Васиќ Бозаџиева, на расправата посочи дека станува збор за задржување на мета податоци кои не ја откриваат содржината на пораките.
– Станува збор за мета податоци, а не содржината на пораките, туку, открива испраќач, примач, локација. Мета податоците не се податоци кои зборуваат за содржината, тоа е друг закон, Закон за следење на комуникации – појасни Васиќ Бозаџиева.
Според неа, мерката задржување на податоци претставува ограничување на уставното право за неповредливост на писмата и други начини на комуникација.
Судијата Осман Кадриу истакна дека регулативата дијаметрално отстапува од регулативата во Уставот.
– Вака како што е уредено, следењето на комуникациите, тоа да се врши само по налог на државниот орган, без да има одлука на суд, секогаш претставува можност правата на човекот да бидат повредени. Затоа што државниот орган без критериуми може да ги активира овие механизми кога тој ќе смета дека тоа е потребно – рече Кадриу, дополнувајќи дека ќе го предложи предлогот за поведување на постапка.
Судијката Добрила Кацарска посочи дека, според неа, е небулозно некои податоци да се бришат за 12 месеци, а оние до кои некои органи имаат пристап, да немаат рок до кога ќе се чуваат.
– Не може да има чување на податоци без судот да даде одобрение. Не може тоа да биде ретроактивно, некој да ги чува тие податоци а судот да се произнесе после извесен период. Без вклученост на судот не може никој никого да следи – рече Кацарска.
Судиите на расправата дискутираа дали мета податоците се важни за безбедноста на државата, како ќе влијае укинувањето на можноста за нивно прибирање и дали би дошло до оневозможување во постапување на органите на прогон.
Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски предложи согласно Актот, на законодавниот дом да му се даде рок од шест месеци за уредување на регулативата.
– Не знам дали законодавецот ќе биде ревносен, што ќе значи нашата укинувачка одлука, дали тие мета податоци се важни за безбедноста на државата. Да ја употребиме новата можност од Актот, со поведување на постапката да му наложиме на Собранието рок од шест месеци да ја уреди регулативата – рече тој.
Во иницијативата се наведува дека член 178 од Законот за електронските комуникации пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа, а член 176 став 3 од истиот закон пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон, при што и оваа одредба од Законот не предвидува постоење на судска одлука за вака задржаните податоци, поради што и членовите 176 и 178 од Законот за електронските комуникации не се во согласност со член 17 од Уставот.
Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одредби од Законот не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на електронските комуникации на граѓаните, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација.
Во отсуство на јасни законски одредби во врска со следењето на комуникациите, според нив, постои ризик за создавање наограничена моќ, во спротивност со принципот на владеењето на правото и човековите права на приватност и заштита на личните податоци.
Подносители на иницијативата се ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Асоцијација за развојни иницијативи – Зенит Скопје, Форум за истражување на безбедносни политики СЕКУРИТАС и професор д-р Трпе Стојановски.