Иконостасот во „Свети Илија“ во Мирковци / Фото: Дарко Николовски
Лазар и Нестор Мирчевски во Крушево, 1903 година

Зад себе остави големо дело што може да се сретне во резбарските иконостаси во Македонија и во други балкански земји. Негови подвизи се спасувањето на иконостасот од црквата „Св. Спас“ во Скопје во 1944 година од грабежот на Бугарите и изработувањето за 21 ден на саркофагот во резба во 1947 година со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија. Во 1939 година ја освоил првата награда на Светската изложба на уметничкото занаетчиство во Берлин и бил одликуван со Орден за посебни заслуги и со диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклор од својот крај. За него се вели дека бил Микеланџело на македонската резба и дека бил резбарот што ги воодушевил југословенскиот крал Александар и маршалот Јосип Броз-Тито

Знаменитостите на Македонија

Нестор Алексиев Мирчевски како генијален мајстор на тридимензионално прикажување на сите делови на резбата, устабашија и наставник во Уметничкото училиште во Скопје, во својот осумдесетгодишен работен век оставил голем број дела во дрво и мермер не само во Македонија туку и во седум држави на европскиот континент. Тој го обележал континуитетот, одделните творечки достигнувања, како и залезот на резбата во Македонија.
Тој е роден во 1874 година во Осој. Тој имал браќа Лазар и Пафе и сестри Дева, Велика и Мара. Во Осој завршил основно училиште. Уште во ученичките денови на другарчињата им покажувал моделирани во глина разни мотиви, како гранки со лисја, гроздови и друго. Неговиот татко Алексо ја забележал неговата љубопитност и сакајќи некој да го наследи во неговото творештво, еден ден го однел кај мајсторите од тајфата Филиповци, затоа што било докажано дека дете ќе го научи подобро занаетот кај туѓи луѓе отколку кај татка си.
На 18-годишна возраст се стекнал со мајсторско резбарско уверение. Во 1899 година Нестор и брат му Лазар добиле покана да работат во манастирите на Света Гора. Таму работеле три години и стекнале голема репутација. Потоа работата ја продолжиле во Битола. Тука Нестор отворил свое столарско резбарско ателје. Работилницата била сместена во месноста Довлеџик и била опремена со столарски машини. Фирмата била напишана на турски, македонски, француски и на грчки јазик. Првата работа што ја изработиле браќата Нестор и Лазар е иконостасот во црквата „Свети Спас“ во битолското село Брусник. Нестор го изработил иконостасот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Трново и се претпоставува дека го изработил иконостасот во црквата „Света Богородица“ во селото Магарево. За време на Првата светска војна иконостасите биле демонтирани од Бугарите и спакувани за да се пренесат во Бугарија.
Работејќи по манастирите, Нестор имал тежок гурбетчиски живот, особено со исхраната. Најчесто во едно грне се варел грав со лути пиперки, а ретко се хранел со пастрма печена на пиростија. Бидејќи бил презаситен од беќарскиот и гурбетчискиот живот, решил да се ожени. Судбината го навела да се запознае со Елена Наумова од Битола. Во бракот му се родиле четири сина, Александар, Тодор, Михаил, Борис, и една ќерка Уранија.
За престојот во Крушево Нестор запишал: „По востанието во 1903 година, се договоривме со Влашкото настојништво да им изработам иконостас со сите други потреби како Владиков престол, анвон и две проскернитарки од липов материјал за 300 наполеони. Три години со брат ми Лазар седевме во Крушево и го работевме договореното. Надвор од договорот изработивме две табли. На едната страна е Тајната вечера, а на другата Судењето на Христа пред Кајафа. Нека се обиде кој сака и да е мајстор над мајсторите да го направи тоа нема да ме победи. Ова дело го направив затоа што некои од Власите ми велеа: не се родил никој како резбарот Петре Гарката, кој го направил грандиозниот иконостас во црквата ’Свети Никола’ што изгоре за време на востанието. Од тие зборови јас бев навреден и ги изработив таблите без да ми се плати“.

Нестор подоцна заминал за Солун и купил билет за брод на линијата за Америка. Додека чекал да тргне бродот бил сведок на потопување на брод што бил торпедиран на отворено море. Тоа многу го исплашило и се премислил да не патува за Америка. Го вратил билетот и си купил друг за Франција. Тоа патување му изгледало многу посигурно, бидејќи немало пловење преку океан.
Отпатувал во Марсеј, оставајќи ги работилницата и семејството во Битола. Во Марсеј пристигнал во 1912 година. Таму работел шест месеци во резбарско ателје. Солидно го совладал францускиот јазик и се запознал со начинот на живеење и со обичаите на Французите. Потоа отпатувал за Париз. По препорака на сопственикот на ателјето во Марсеј се вработил во фабриката ИРИ во Париз, која имала 12 работници мајстори, кои, главно, изработувале мебел во барок и рококо-стил. Нестор со својата техника ги воодушевил соработниците, бидејќи тие изработувале плитка резба. Школата на мијачките резбари се одликувала со тридимензионално прикажување на сите делови од резбата. Тој бил известен од брат му Лазар од Софија дека е распишан оглас за иконостас во црквата „Свети Никола“ во Три Кладенци. За оваа резба Нестор забележал: „Извадив пасош и се најдов во Белград, каде што се видов со многу роднини. Таму ме задржаа за да им изработам некои црковни работи. Кога ги завршив, отпатував за Софија. На огласот јас ја добив работата за 2.100 наполеони“.
Во Берлин од 13 мај до 10 јуни 1938 година се одржала Меѓународна занаетчиска изложба на која учествувале претставници од 38 држави. Југославија била претставена од Нестор, кој бил облечен во мијачка народна носија. Таму Нестор имал ателје со тезге на кое била поставена штица од оревово дрво наречена фулунг. Тука било токмачето со сите потребни длета. Фулунгот го изработил како конкурсен примерок за да може да се оценат големината и тежината на работата. Делото ги воодушевило гледачите, кои на неговиот штанд се туркале гледајќи го како работи со токмачето и длетата. Делото содржело растителна орнаментика со човечки и животински фигури. На еден фрагмент ангелот го задржува Аврама да не го жртвува синот Исак, покажувајќи со прст на овенот. Облеката на Аврам била типична мијачка носија. Посетителите се интересирале и за носијата со која Нестор бил облечен, за материјалот од кој била изработена, како и за земјата од каде што потекнува. Полиглотот им објаснувал на течен германски, француски, турски, романски и грчки јазик со гордост за Македонија и за мијачкиот крај. На изложбата го освоил првото место и добил Орден за посебни заслуги на Светската изложба во Берлин, како и диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклорот од својот крај. Во германските стручни гласила биле објавени статии за работата на Нестор поткрепени со репродукции од резбата и со ликот на авторот.

По големиот успех што го постигнал во Германија, му биле понудени поволни услови за непречена работа. Бидејќи бил презаситен од гурбетчискиот живот, ја одбил понудата и се вратил дома кај семејството во Македонија.
По ослободувањето, Нестор се зафатил да го монтира иконостасот и да ја воспостави неговата првобитна состојба во црквата „Свети Спас“. Во работата најмногу му помагал клисарот на црквата Ѓорѓи Христов, и тоа со голема љубов, бидејќи бил клисар од 1926 година. Елемент по елемент, со голема прецизност, тие ги спојувале деловите.
Од државниот врв во 1946 година добил задача за 21 ден да изработи саркофаг за да се пренесат моштите на Гоце Делчев од Софија. За да го изработи саркофагот во рокот, Нестор работел ден и ноќ. Подножјето на ковчегот го сочинуваат четири лавовски шепи, тетра под со профирано цокле од сите страни со една вдлабнатина и две издадени хоризонтали. На предната страна во средината на барокниот медалјон има лавров венец – симбол на победата, а во него е претставен ликот на Гоце Делчев. На страните се претставени тогашните грбови на Југославија и на Македонија. На задната страна е врежана симболичната порака на македонското знаме „Смрт или слобода“ од револуционерниот комитет.
Неговиот син Борис со сопругата Радмила, по обемни и макотрпни истражувања во 2002 година, издадоа монографија со аманет на идните генерации да не ги заборават достигнувањата на мијачките резбари и да се напојуваат со нивните творечки достигнувања, а на научниците трудот да послужи за проширување на сознанијата од овој творечки домен.

Иконостасот на Свети Ѓорѓи во Чукарица / Фото: Andrija1234567