Фото: Маја Јаневска-Илиева

Настанот одржан за време на Шаховската олимпијада ја нагласи посветеноста на ФИДЕ да го користи шахот како трансформативна алатка во различни општествени иницијативи низ светот. Пораката на оваа конференција беше единство и акција, а повикот за глобално учество беше јасен, а тоа е дека шахот не е само игра туку моќна алатка за општествени промени, пишува ФИДЕ

Во текот на одржувањето на Шаховската олимпијада (ШО), Будимпешта беше домаќин и на конференцијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), на која учествуваа членови на Социјалната комисија и водачи на проекти посветени на искористување на шахот за општествено добро. Настанот ја нагласи посветеноста на Светската шаховска федерација да го користи шахот како трансформативна алатка во различни општествени иницијативи во светот, со најава дека 2025 година е прогласена за социјална шаховска година, пишува ФИДЕ.
– Овој состанок ни овозможува да споделиме идеи, ажурирања и планови за иднината. Ова е само почеток. Им помагаме на луѓето да ги променат животите со прекрасната алатка што ја имаме – шахот – рече Дана Реизние-Озола, заменик-претседателка на Управниот одбор на ФИДЕ.
Андре Вегтлин, претседател на Социјалната комисија на ФИДЕ, во согласност со 10-те цели на ФИДЕ за следните 100 години, истакна дека социјалното влијание е клучна цел. Беа прикажани неколку големи иницијативи откривајќи го длабокото влијание што шахот може да го има во различни општествени контексти, како шах за заштита, шах за слобода, бесконечен шах, шах за стари лица и шах за живот, шах и рак.
Пораката на оваа конференција беше единство и акција. Додека ФИДЕ се подготвува за 2025 година, година на социјалниот шах, повикот за глобално учество беше јасен, а тоа е дека шахот не е само игра туку моќна алатка за општествени промени, пишува ФИДЕ. Г.И.