Во рамките на „Таксират“
Еден од најуспешните и највпечатливи британски електробендови, „Кошин“, пристигнува во Скопје со самостоен концерт, со кој групата прославува 25 години кариера. Како дел од оф-програмата на 26. издание на „Таксират“, овој концерт ќе се одржи на 18 октомври во Младинскиот културен центар, со почеток во 20.30 часот.
Предводен од извонредниот глас и енергија на харизматичната пејачка и текстописка Шиан Еванс, бендот „Кошин“стекна светска слава благодарение на хитот „Hide U“ од платинестиот дебитантски албум „Resist“ (2001), а следуваа и кросовер-хитовите „Catch“, „Hungry“ и „All In My Head“, кои го вивнаа бендот на врвот на најрелевантните светски топ листи.
Во нивната кариера имаат пет студиски албуми, со кои стекнаа репутација на култен претставник на музиката од почетокот на векот. Неколку години паузираа од турнеите, па Шиан Еванс ја искористи паузата за да ја канализира својата енергија и од сосема нова перспектива да внесе новости во настапите на бендот во живо. Достигнувајќи ново ниво на страст и длабочина, таа ги доведе музиката и настапите на оваа група до совршенство.
Во полн сјај се вратија на сцена во 2019 година, појавувајќи се како еден од главните изведувачи на голем број британски и европски фестивали, како и настани од светска класа. Оттогаш групата одржа некои од своите најдобри концерти, а следна пресвртница беа извонредната турнеја од 2021 година и исклучително успешните настапи со изменет состав. Нивните енергични, страсни и моќни настапи собраа одлични оценки од критиката и заклучок дека бендот сега звучи подобро од кога било. Шиан успева одново и одново да плени со својот беспрекорен вокал, безграничен ентузијазам и енергија, а моќта на нејзината музика е усогласена со нејзината уникатна појава и харизма на сцена. Од настап до настап, групата „Кошин“ успешно продолжува да ја зацврстува својата несомнена репутација како еден од култните бендови на своето време.
На концертот на 18 октомври во скопскиот МКЦ, „Кошин“ ќе ги изведе најдобрите песни од својата 25-годишна кариера.
Во рамките на годинашниот „Таксират“, македонската публика има можност да биде дел од голем број музички случувања, како неодамна одржаниот одличен концерт на хрватската група „Бркови“, потоа претстојните концерти на „Свемирко“ на 16 ноември во „Станица 26“ и „Апокалиптика“ на 29 ноември во арената „Борис Трајковски“, но и многу други пред главната фестивалска вечер, кои наскоро ќе бидат објавени.