Главниот надворешно-политички приоритет на новата македонска влада е целосната интеграција во Европската Унија, и тој процес е клучен за остварување на националните интереси, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ, соопшти МНР.
Во однос на блокадата од Бугарија, Муцунски нагласува дека владата останува на ставот за одложена примена на уставните измени.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, тој забалежува дека има „неправедна билатерализација и двојни стандарди кои станаа дел од процесот на пристапување во Европската Унија“.
Потсетува дека земјава има направено повеќе од која било друга за пристапување кон Унијата, а блокадите од нашите соседи ги поврза со интересите на трети страни кои не сакаат европска иднина за Западен Балкан.
– Ние сме земја која доби кандидатски статус во 2005 година и имаме многу позитивни препораки од Европската комисија за отворање на преговорите, но за жал сè уште не сме таму. Ова е нешто што го заслужуваме и се надеваме дека ќе го постигнеме што е можно поскоро – истакна Муцунски.
Тој додава дека како држава направивме многу отстапки за исполнување на европските барања, а новата Влада е подготвена да ги исполни и останатите услови за приближување кон стандардите на ЕУ.
– Тоа се критериумите по кои сакаме да бидеме оценети. Не е фер да се оценува нашата земја врз основа на субјективни билатерални стандарди кои немаат врска со ЕУ. Кога ќе има историска книга за одлучувањето и проширувањето на ЕУ, ние ќе бидеме поглавје за неправедната билатерализација – вели Муцунски.
Интервјуто е направено за време на посетата на Муцунски во Мадрид, по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Шпанија. Тој и неговиот шпански колега ги оценија односите како пријателски, со акцент на силната поддршка од Шпанија за побрза интеграција на земјата во ЕУ.