Награда за животно дело на Европската филмска академија за германскиот режисер Вим Вендерс
Легендарниот германски режисер Вим Вендерс ќе ја добие наградата за животно дело на 37. доделување на европските филмски награди што ќе се одржи на 7 декември во Луцерн, Швајцарија.
– Со оваа награда го славиме извонредниот опус на работа на Вим Вендерс, кој продолжува да истражува и експериментира со своето љубопитно око и отворен ум. Како еден од основачите на Европската филмска академија, чиј извршен директор беше од 1990 и 1995 година и претседател до 2020 година, Вендерс има цврста конекција со нашата академија и нѐ прави дополнително среќни што ја славиме неговата извонредна посветеност и му благодариме – изјави Матијс Воутер Кнол, извршниот директор на Европската филмска академија.
Вендерс низ годините има добиено награди на Канскиот, Венецискиот и на Берлинскиот филмски фестивал, како и награда од Британската академија за филмски и телевизиски уметности (БАФТА) и три номинации за „оскар“.
Негови најпознати дела се „Алиса во градовите“, „Погрешниот потег“, „Кралевите на патот“, „Парис, Тексас“, со кој ги доби наградата за најдобар режисер на БАФТА и златната палма во Кан, „Крилја на желбата“, со кој ја освои наградата за најдобар режисер на Канскиот фестивал, и неговиот најнов филм „Совршени денови“ со кој беше номиниран за најдобар интернационален филм на Оскарите.
„Го мразам летото“ – најгледана шпанска авантуристичка комедија
Најгледаниот филм во Шпанија минатата недела беше авантуристичката комедија „Го мразам летото“, со заработка од 900.000 долари само во првите три дена од прикажувањето.
Алонсо и Мариса, Торес и Фатима и Калатрава и Вики резервираа изолирана куќа на Канарските Острови за да го поминат најдобриот одмор во својот живот со своите семејства. Она што не го знаат е дека по грешка на агенцијата сите изнајмиле иста куќа. Ниту еден од нив не е подготвен да се откаже и нема многу алтернативи, па се принудени да бидат заедно цело лето. Очигледните разлики меѓу секој од членовите ги претвораат тие денови во хаотична акумулација на забавни и луди ситуации. И покрај тоа, тие мора да научат да живеат заедно и да ги разбираат сите овие различни луѓе… И самите себе.
Режисер е Фер Гарсија-Руиз, кој оваа година ни ја претстави и својата комедија „Мала личност“, а во светот на долгите играни филмови дебитираше во 2021 година со комедијата „Дескариладос“.