КОН ФИЛМОТ „ТЕОРЕМА“ (1968) НА ПЈЕР ПАОЛО ПАЗОЛИНИ
Постојат филмови што со задоволство би ги гледале по неколкупати. Постојат и такви што едвај би ги изгледале и само еднаш. Филмот „Теорема“ од 1968 година на фамозниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини е комбинација од двата вида. „Теорема“ е филм што сигурно би требало да се гледа барем двапати, но се плашам дека многу луѓе би имале тешкотии да го догледаат дури и еднаш. Се работи за длабоко мистериозна драма. Филмска парабола за загадочни настани, кои режисерот со математичка прецизност успева да ги постави во еден сосема реален, прост, едноставен простор и со нив да создаде една сосема нова, имагинарна и апстрактна реалност. Има нешто прогонувачко во таа нова реалност. Нешто што ќе го одземе вашето спокојство и ќе ве натера да барате одговори, кои ќе биде тешко да ги најдете.
„Теорема“ е многу чуден и тежок филм, во кој во центарот на настаните е обично миланско семејство од високата средна класа, кое ненадејно е посетено од прекрасен млад човек (Теренс Стамп), кој систематски успева да води љубов буквално со сите во семејството. Таткото (Масимо Џироти), мајката (Силвана Мангано), ќерката (Ана Виаземски), синот (Андрес Хозе Круз Соблет), па дури и со слугинката (Лаура Бети), приближно обратно од тој редослед. Откако на секој член на домаќинството ќе му приреди трансцендентално искуство, младиот човек заминува, оставајќи го секој да пропадне на свој начин. Бидејќи тие се материјалистичка, богата буржоазија, нивните колапси се елегантни и застрашувачки. Ќерката се повлекува во кататонична состојба; синот се повлекува во себеси, решен да постави свои правила на естетика, кои се толку мистериозни што не може ни сам да си ги објасни; мајката и таткото се обидуваат да ги повторат доживеаните искуства со младиот човек, но со негови квазиверзии.
Актерите не глумат, туку едноставно постојат за да бидат фотографирани. Самиот филм е всушност серија од убави, често загадочни сцени што се влеваат една во друга со ритамот на празни стихови. Заведувањата се случуваат едноподруго без апсолутно никаква идеја за емоционален континуитет.
„Теорема“ е екстремно бавен, здодевен и тежок филм за следење доколку не сте љубител на филозофијата. Во него има многу малку дијалози. Во „Теорема“ се изговараат вкупно само 923 збора – но со нив Пазолини кажува сѐ! Иако тој е совршено добар новелист и поет, овој филм е речиси комплетно визуелен. Тој изгледа како ритмичка визуелна песна со расфрлани дијалози. „Теорема“ изгледа и се чувствува како нем филм во кој се интегрирани ретки дијалози, навидум неуспешни обиди за комуникација и вербална размена меѓу ликовите.
„Теорема“ отвора премногу чудни интерпретации засновани на марксизмот и атеизам, правци чиј следбеник е Пазолини. Тој изјавил дека младиот човек не е задолжен да го претставува Исус Христос во „Второто доаѓање“. Наместо тоа, вели тој, младиот човек е Бог, кој било Бог, тој е Бог самиот за себе.
„Сакаш ли да се повозиме еден круг?“
Вака започна комуникацијата помеѓу Пазолини, млад успешен режисер, поет, филозоф, марксист и хомосексуалец и обично младо момче што тој го најмил за забава. А заврши со мистериозно убиство на овој брилијантен интелектуалец, чија политичка визија заснована на единственото преплетување на Ерос, католицизмот и марксизмот ја предвиде италијанската историја по неговата смрт и подемот на глобалниот консумеризам. Тоа беше убиство што, четири децении подоцна, останува обвиткано во вид на мистерија и непроѕирност за која Италија е специјализирана. Италијанскиот филмски правец популарен од името „Ун Џиало“.
Пјер Паоло Пазолини е еден од најголемите уметници на 20 век. Тој не е општо признаен како таков, но треба да биде и се надеваме дека некогаш ќе биде. Барем во светот на кинематографијата, тој треба да има рамноправна позиција со кој било од големите мајстори.
„Теорема“ не е ни од далеку мој омилен филм на Пазолини. Но е еден од најмистериозните филмови на сите времиња. За разлика од моите омилени, „Сало, или 120 дена од Содом“ (кој без сомнеж е еден од најконтроверзните филмови на сите времиња), „Декамерон“ и „Арапски ноќи“, „Теорема“ е високоапстрактен филм проткаен во симболика. Не дека нема симболика во претходните филмови. Разликата е во тоа што во „Теорема“ човечкиот елемент е намален.
„Теорема“ е многу личен, отворен филм, кој ви дозволува слободно интерпретирање на неговиот крај во филозофска смисла. Интересен факт е зошто телото за рецензија на филмови на Римокатоличката црква (Office Catholique International du Cinémа) првично сметало дека е соодветно на овој филм да му додели награда, за што подоцна зажалило. „Теорема“ е религиозен филм, но мислам дека би било потребно многу за да се претвори во тестамент на современата римокатоличка догма.