Германија застана покрај Шпанија против тарифите за кинеските електрични возила
Европската комисија ќе мора да го земе предвид противењето на две од најголемите земји членки на ЕУ, Германија и Шпанија, за предложеното воведување тарифи за кинеските електрични возила, а тоа може да влијае на начинот на кој извршната европска власт ќе ги води тековните разговори со Кина за ова прашање
Германскиот канцелар Олаф Шолц му се придружи на шпанскиот премиер Педро Санчез во повикувањето на Европската Унија да се откаже од својот план за воведување дополнителни царини за електричните возила (ЕВ) од кинеско производство, потенцијално подривајќи ја основната алатка на европскиот блок наменета против кинеската индустрија, пренесуваат светските медиуми.
Шпанскиот премиер прв се спротивстави на предложените тарифи
Повеќемина европски лидери го посетија кинескиот претседател Си Џинпинг откако ЕУ објави дека ќе намени давачки од речиси 50 отсто за кинеските електрични возила, но шпанскиот премиер Санчез неделава стана првиот што побара преиспитување на претстојните трговски мерки.
– Морам да бидам отворен и искрен со вас, дека, сите ние, не само земјите членки туку и Европската комисија, треба да ја преиспитаме нашата позиција кон ова движење – им рече Санчез на новинарите, завчера во Куншан, Кина.
Пред неговото патување во Кина, официјални лица блиски до Санчез изјавија дека премиерот сака да работи на поврзување за да се избегне трговска војна, но дека Шпанија секогаш ќе се усогласи со пошироките позиции на ЕУ.
Коментарите на Санчез, сепак, изненадија одредени официјални претставници во европските метрополи и во Брисел, бидејќи шпанскиот премиер ретко се судира со ЕУ и се вели дека има добри работни односи со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Санчез на тој начин се најде во средиштето на чувствителна тематика, што е невообичаено за премиерот, кој обично се усогласува со мејнстримот на ЕУ – наведува американски „Блумберг“.
Висок европски дипломат од земја што се изјаснува во полза на тарифите, во изјава за „Блумберг“ истакна дека ќе продолжат дискусиите за убедување на Шпанија за потребата да ја поддржи Европската комисија за прашањето за трговските мерки.
Земјите од ЕУ идниот месец треба да донесат одлука за тоа дали да ги спроведат новите тарифи. Доколку 15 земји членки, кои претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ, гласаат против новите давачки, тогаш Европската комисија, извршната власт на блокот, ќе биде принудена да ја откаже мерката.
Германија и Шпанија имаат мотиви за избегнување на трговските ограничувања
Германија и Шпанија имаат огромни финансиски стимулации за да ги избегнат трговските ограничувања. Германските производители на автомобили, вклучувајќи ги „Фолксваген“ и „БМВ“, би биле најтешко погодени во трговски спор, бидејќи тие колективно продадоа 4,6 милиони автомобили во Кина во 2022 година. Шпанија е вториот по големина производител на автомобили во ЕУ и се обидува да привлече инвестиции од Кина за да ја развие својата индустрија за електрични возила, што е меѓу причините за посетата на Санчез на Кина неделава.
– Една од моите главни цели при оваа посета беше да привлечам кинески инвестиции во Шпанија, во индустријата за електрични возила, за тие инвестиции да послужат за изградба на синџири за снабдување во нашата земја – рече Санчез на завчерашната прес-конференција, непосредно пред да ги коментира тарифите.
Трговскиот суфицит на Кина со ЕУ изнесуваше 162,13 милијарди долари во првите осум месеци од оваа година, што е зголемување за речиси 6 отсто на годишно ниво. Трговскиот суфицит на Кина со Шпанија изнесуваше 17,99 милијарди долари во седумте месеци заклучно со јули, што беше практично непроменето во однос на претходната година.
Портпаролот на германската влада, Штефен Хебестрајт, го поздрави шпанскиот потег за противењето на воведувањето тарифи, велејќи дека „ја споделуваат оваа насока на движење“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц зазеде сличен став минатата година по објавувањето на тарифите, велејќи во интервју за „Блумберг“ дека „сакаме да ги продаваме нашите автомобили во Европа, во Северна Америка, во Јапонија, во Кина, во Африка, во Јужна Америка, на сите места. A ова исто така значи дека ние сме отворени и да ги набавиме автомобилите од други земји“.
Европската комисија мора да го земе предвид внатрешниот отпор во ЕУ
Европската комисија ќе мора да го земе предвид противењето на две од најголемите земји членки на ЕУ, а тоа може да влијае на начинот на кој извршната европска власт ќе ги води тековните разговори со Кина за ова прашање.
Германија и Шпанија не се единствените земји што се скептични за ставот на ЕУ. Шведскиот премиер Улф Кристерсон, исто така, предупреди да не се зазема тврд став за трговијата со Кина. Во мај, тој рече дека ЕУ не треба да ја „растури глобалната трговија“ и дека „поширока трговска војна во која си ги блокираме производите не е начин на постапување за индустриските нации како Германија и Шведска“.
Кинеските и претставниците на ЕУ се очекува да се сретнат подоцна овој месец за да видат дали можат да постигнат договор пред да стапат во сила тарифите, според извор запознаен со плановите, кој зборуваше со „Блумберг“ под услов да остане анонимен. Но од Брисел соопштија дека секое такво решение треба да биде во согласност со правилата на Светската трговска организација и да го реши основното прашање на субвенциите, што би можело да го отежне постигнувањето договор.
Земјите членки на ЕУ ќе треба да гласаат пред крајот на октомври за продолжување со тарифите. Ако квалификуваното мнозинство не ги блокира мерките, тогаш комисијата ќе објави конечна регулатива за тарифите до 30 октомври. Тогаш давачките ќе останат во сила пет години. Р.С.
Кина презеде низа контрамерки како одговор на ЕУ
ЕУ минатата година презеде повеќемесечна истрага за субвенции во кинеската автомобилска индустрија, поради загриженоста дека кинеските електрични возила со пониска цена ќе стекнат предност пред важните производители на автомобили на земјите членки на Унијата, во ситуација кога Кина бележи огромни трговски суфицити.
На крајот од истрагата, 27-члениот блок во јуни предложи нагло зголемување на тарифите за кинеските електрични возила за 37,6 отсто, што ќе ги доведе до ниво од речиси 50 отсто, слично со мерките воведени од САД, доколку бидат усвоени.
Кина водеше силна кампања против тарифите и презеде низа контрамерки, вклучувајќи и истрага за увозот на свинско месо во Европа. Пекинг, исто така, отвори антидампинг-истрага за европските млечни производи и поднесе жалба до Светската трговска организација во врска со планираните тарифи за електрични возила на ЕУ. Р.С.