Фото: „Нова Македонија“ / Архива

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави дека до утре ќе биде подготвена есенска потрошувачка кошничка со 100 производи, врз основа на која ќе се направи симулација за ограничување на цените или маржите од 5, 10 или 15 проценти.

Како што информираше министерот Дурмиши, работната група утре ќе донесе одлука за оваа мерка, која ќе биде доставена до владата наредната недела за усвојување и започнување на процедурата за почитување на мерките.

– Утре на крајот на денот, работната група ќе извести дали ќе се одлучи за замрзнување на цените или ограничување на маржите на 5, 10 или 15 проценти – рече министерот.

Дополни дека потрошувачка кошничка ќе продолжи и во наредните периоди, како зимска, велигденска и рамазанска кошничка.

Министерот, исто така, информираше дека Законот за нефер трговски практики ќе стапи на сила до крајот на месецот, дополнувајќи дека фирмите имаа шест месеци да ги усогласат своите цени.