Пораки и одгласи од одбележувањето на 8 Септември
Голем број пораки за сплотеност во справувањето со предизвиците, посветеност на евроинтеграциите, економскиот развој, градењето праведно општество, како и честитки од политичари, партии, странски амбасади, Делегацијата на ЕУ, НАТО и од дијаспората беа испратени до македонските граѓани по повод Денот на независноста, 8 Септември. Во продолжение издвојуваме дел од пораките и одгласите во јавноста по повод празникот
Премиерот Христијан Мицкоски: Граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи
Десет принципи за заедништво и сплотеност објави премиерот Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи, во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста, 8 Септември, под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.
Воспоставување правда и правна држава, крај на партизацијата на општеството, подобрување на стандардот на граѓаните и исполнување на стратегиската цел за влез во Европската Унија се меѓу принципите што ги соопшти премиерот.
– За сите овие принципи барам единство и сплотеност. Испраќам порака до лидерите во опозицијата да се обединиме сите околу овие 10 принципи. Исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се. И прифатете го ова што го нудам како платформа околу кое се обединуваме. Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат. Граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи.
Време е да се стави крај на беззаконието и да се изгради држава која ќе ги заштити интересите на своите граѓани. Криминалот не смее да биде посилен од Владата и на ова зло му доаѓа крајот – посочи Мицкоски.
Тој го нагласи членството во ЕУ како стратегиска цел за која мора да има општа согласност.
– Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како влада и општество не смееме да отстапиме од европскиот пат – потенцираше Мицкоски.
Премиерот Мицкоски претходно порача дека криминалот и корупцијата се најважни проблеми против кои се бориме.
– Овој пат државата е на потег и неа ја враќаме на народот. Да создадеме земја на среќни граѓани и силна економија. Општество што ќе одговара на реалните потреби и ќе нуди реални решенија. Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина. Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни. Ова е нашата заедничка битка и заедно се бориме и заедно ќе успееме – кажа премиерот Мицкоски.
Десетте принципи за обединување на премиерот Христијан Мицкоски
– Прво, мора да воспоставиме правда и правна држава. И тоа не само флоскуларно и декларативно како досега туку суштински преку лични примери и колективни откажувања од сите оние срамни што решиле да се посрамотат себе и своите семејства и да отидат на другата страна на законот. Незаконието не смее да биде поведението што ќе се следи. Без оглед кој е и што е во оваа земја, или ќе е чесен граѓанин или ќе има одговорност и ќе одговара за своите постапки. Без оглед дали е власт или опозиција.
– Второ, мора да се прекине партизацијата на општеството, да не ги делиме луѓето од една или друга партија, туку на способни и помалку способни. Способните мора да напредуваат. Не смее партиската книшка да биде дозволата за напредок, туку дипломата и реалното знаење. Мора мерит-системот да биде над сѐ друго. Напредување врз основа на способности и компетенции. Вредните мора да добијат шанса, наместо оние што со врски напредуваат.
– Трето, мораме да се оградиме од етничките конфликти и да ги изолираме елементите што создаваат меѓуетничко неединство. Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат, за сметка на колективниот. Колку само отсутно звучи кога некој ќе побара дводомност, а во Липково и Тетовско нема вода за пиење. Јас сакам решенија за личните проблеми на народот, а не решенија за личните интереси на малите групи политичари што ја злоупотребуваат колективната мака на народот, изјави тој и додаде дека мора да се подобри стандардот, а граѓаните, односно економијата да бидат фокусот и полето на натпревар.
– Четврто, да го заштитиме и подобриме стандардот на граѓаните. Економијата да биде фокусот и полето на натпревар. А тоа ќе го постигнеме преку работа и само работа.
– Петто, мора да создадеме праведно општество. Јас ги разбирам и критиките на поединците и компаниите чии маржи ги ограничивме за набавка на школски прибор како дел од мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, но да го објавам списокот на маржи од кои боли глава, ќе видите дека некој дебело заработува врз осиромашениот народ. Ја почитувам слободната економија и се борам за тоа, но народот не е наивен и не треба низ плаштот на слободна економија, а во суштина создавање монопол или дуопол дебело да се полнат приватните џебови.
– Шесто, мора образованието да биде билетот за успех и сите сили да ги вложиме во тоа. Нашите луѓе низ светот постигнуваат извонредни резултати, а дома факултети во некои сомнителни објекти штампаат дипломи. И сето ова ќе биде испитано. Образованието е силата што може да нѐ избави од сиромаштијата и да нѐ придвижи напред и во економијата и во технологијата.
– Седмо, мораме да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратегиска цел, а тоа е членството во Европската Унија. Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како влада и општество не смееме да отстапиме од европскиот пат.
– Осмиот принцип е единството. Можеме и природно да имаме различни мислења, ставови, но за државните прашања и за темите од заеднички интерес мораме да покажеме единство. Може да се делиме, но македонскиот сон мора сите заедно да го отсонуваме и за него сите заедно да победиме. Да не се делиме за крупните прашања, да не го пропуштаме времето на кавги, за сметка на напредок. Внатре дома ќе дебатираме за сите прашања, но надвор мораме да бидеме единствени. Тоа мора да биде нашата сила.
– Деветто, мораме да се бориме против иселувањето. Премногу добри луѓе се иселија во потрага за подобар живот. И премногу светилки се изгасија. Нема луѓе за работа. Погледнете ги полињата, период е на гроздобер, тие се полни со многу возрасни луѓе и понекој млад човек што не сака да ги разочара родителите. Врз нивни плеќи се крепат основите на она во што веруваме. Но генерално младите луѓе си одат. И тоа е поразително. Мораме да ги задржиме со подобри услови за живот и шанса за младите, кои мора да бидат движечка сила.
– Десетто, мораме да извојуваме и да веруваме во идеолошки битки. Нашата, мојата е заедничкиот патриотизам, кој треба да нѐ обедини. Тој не е ништо друго, туку заедничко верување и заедничка борба за иднината во државата. Тој треба да нѐ обедини сите, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци и сите други под македонското сонце. Не да се радуваме на мали искри, туку заеднички за големи победи и големи чекори напред. Премногу е пропуштено и треба многу да се направи“.
Претседателката Силјановска-Давкова: Да ги вложиме сите капацитети за да направиме република што ќе биде праведна кон сите
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во честитката до граѓаните посочи дека наша должност е да ги оставиме настрана поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
– Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја презедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава, која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Триесет и три години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од многубројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите – нагласува претседателката Силјановска-Давкова во честитката.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер: И македонската независност беше добиена со безброј жртви од оние што верувале во моќта на слободата и демократијата
Честитки по повод независноста упатија повеќе амбасади, меѓу кои на САД, Велика Британија, Германија, Турција, Шведска, Франција, Русија, Украина, Србија и на Албанија, како и од НАТО и Делегацијата на ЕУ во земјава. Честитка по повод Денот на независноста, 8 Септември, упати и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
– Американскиот народ и народот на Северна Македонија споделуваат посветеност на демократските вредности. Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата заедничка работа за промовирање на тие вредности, зајакнување на безбедноста и стабилноста и продлабочување на економските врски во регионот. САД ќе продолжат да го поддржуваат нашиот сојузник, Северна Македонија на нејзиниот европски пат во годините што следуваат – се вели во честитката од Блинкен.
Видеочеститка упати и американската амбасадорка Анџела Агелер, која порача дека „на овој посебен ден се придружуваме на Северна Македонија и на сите вас во прославата на вашата независност и вашите динамични и разновидни заедници“.
– Како и нашата независност, вашата беше тешко добиена, со безброј жртви направени од оние што верувале во моќта на слободата и демократијата. Денес и секогаш, ги почитуваме вашата историја, вашата сегашност и светла иднина – рече Агелер.
Северноатлантската алијанса НАТО упати честитка по повод 8 Септември на, како што велат оттаму, „нашиот сојузник С. Македонија“, додека Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Брунсум објави видеочеститка по повод Денот на независноста.
Евроамбасадорот Микалис Рокас присуствуваше на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември, која под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ се одржа во Филхармонија, а Делегацијата на Европската Унија на платформата Икс објави честитка до сите граѓани. Н.М.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче: Да ги искористиме силата и способноста на граѓаните за надминување на секоја препрека
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември, Денот на независноста, во која посочува дека е време силата и способноста на нашите граѓани да ги искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре.
– Осми септември и 33 години независност на нашата Македонија нѐ потсетуваат на силата, единството и храброста што ја имавме кога го избравме патот на суверенитет и самостојност. Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет. Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок – наведува Филипче, додавајќи дека во изминатите 33 години, нашата татковина се изгради како независна, суверена држава, одлучна да го заземе своето место на европската и на светската сцена.
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, по повод 33-годишнината од независноста на Македонија во објава на својата фејсбук-страница упати порака до политичките елити да работат за почит и еднаквост помеѓу заедниците.
– На оваа годишнина од независноста, ценам дека македонските политички елити треба да бидат свесни за големата одговорност што ја имаат во градењето на државата, почитувајќи ја политичката волја на Албанците и еднаквоста, бидејќи оваа држава ни припаѓа на сите нас и не може да биде изградена без почитуван етнички легитимитет, порачува Ахмети – стои во соопштението од ДУИ.
Коалицијата Вреди ги повика сите граѓани и политички чинители да го негуваат духот на единство, толеранција и соработка, порачувајќи дека само така ќе продолжиме да го градиме општеството што го заслужуваме – општество на еднакви права, можности и стабилност.
– Нашата генерација има историска должност да се справи со ендемичната политичка корупција и да преземе решителни чекори кон реформи што ќе ги вратат капацитетите на уништените државни институции. Само преку транспарентност, одговорност и посветеност кон заедничкото добро ќе можеме да обезбедиме иднина што ќе биде светла за сите наши граѓани, без разлика на етничката припадност – се вели во соопштението од коалицијата Вреди.
Честитки по повод одбележувањето на 8 Септември упатија и СПМ, ЗНАМ, Левица, Демократски сојуз и ДУИ.
Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски: И Македонците во Албанија стојат зад принципите на мир, соработка и интеграција
Честитка по повод Денот на независноста до сите Македонци каде и да се упати Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и од името на целата македонска заедница во Албанија. Во неа стои дека „овој ден е симбол на долгогодишна борба на Македонците за самостојност, слобода и достоинство“.
– Како Македонци во Албанија и ние го делиме гордото наследство на нашата мајка татковина, стоејќи цврсто зад принципите на мир, соработка и интеграција. Нека ни е честит и вековит Денот на независноста на Република Македонија. Овој ден ни дава поттик и обврска да продолжиме да ја чуваме и градиме Република Македонија како силна, стабилна и просперитетна држава, дел од големото европско семејство – се нагласува во честитката потпишана од Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Свештената бигорска обител: Бог нека ни ја зачува татковината вечна
Честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста, упати Свештената бигорска обител, посакувајќи Бог да ни ја зачува татковината вечна.
– Братството на Свештената бигорска обител на сите граѓани на Република Северна Македонија, радосно и срдечно, им го честита Денот на независноста. Вечен им спомен и слава на сите македонски родољупци и слободољупци. Бог нека ни ја сочува Татковината вечна и нека им вдахне родољубие на сите наши политичари. Она што е воздухот за телото, тоа е слободата за човечката душа. Колку еден народ има поразвиено самосознание, толку повеќе тој ја цени слободата – посакува Свештената бигорска обител.
Се наведува дека 8 септември 1991 година ја „возгласи на целиот свет вистината дека Македонија е достојна за дарот на слободата и за самостоен државен живот“.
Како се одбележа 8 Септември
Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ со повеќе активности беа одбележани 33 години независност. На свечената академија одржана во Македонската филхармонија во Скопје присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државава, Гордана Силјановска-Давкова, и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и повеќе претставници од законодавната, извршната, судската власт и верските заедници.
Во рамките на официјалното одбележување на Денот на независноста, 8 Септември, повеќе делегации на политички партии и дипломатскиот кор оддадоа почит и положија свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски, на почивалиштето на првиот премиер Никола Кљусев и на Споменикот на борците од НОБ.
Во касарната „Илинден“ во Скопје по повод празникот беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на армијата.
Делегација на Општина Берово, Здружението на пензионери, Организацијата од резервни офицери, како и партиски делегации, положија свежо цвеќе на Спомен-костурницата во Берово. Пред присутните делегации беше прочитан краток говор, со должна почит кон нашите херои и со посочување на историските моменти од 8 септември 1991 година.
– Овој историски датум, кога граѓаните го кажаа судбоносното и референдумско „да“, за остварување на вековниот сон за независна Македонија, е обврска за сите нас, да ја сочуваме и развиваме земјата, во духот на слободата и демократските вредности – истакна градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, честитајќи им го празникот на сите граѓани, посакувајќи им и понатаму успешна македонската приказна.
Во организација на Општина Велес и ансамблот „Распеани велешани“, во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес се одржа традиционална вечер на „Староградски македонски песни 2024“, на која учествуваа градските ансамбли „Распеани велешани“, „Распеани валандовчани“ и „Распеани гевгеличани“. Оваа традиционална вечер на „Староградски македонски песни“, потенцираа организаторите, има цел да ја зачува и популаризира староградската македонска песна и да биде аманет за младите генерации.
Обединетата македонска дијаспора: Храброста на македонскиот народ продолжува да го поттикнува стремежот за признавање и еднаквост во ЕУ
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) порача дека 33-годишнината од независноста се одбележува и во САД, во честитката по повод 8 Септември.
– Со гордост ја одбележуваме 33-годишнината од независноста на Македонија, размислувајќи за трајните жртви и непоколебливата посветеност на оние што се бореле за нашата слобода и ја изградиле нашата нација. Оваа пресвртница служи како почит на издржливоста на македонскиот народ, чија храброст продолжува да го поттикнува тековниот стремеж за признавање и еднаквост во ЕУ. Додека ја почитуваме оваа значајна пригода, со гордост се навраќаме на нашата богата историја и ја потврдуваме нашата посветеност на обединета и инклузивна иднина. Нека овој Ден на независноста на Македонија нѐ инспирира да продолжиме да работиме кон поголем напредок и единство – се вели во честитката од претседателот на ОМД, Гордан Јорданов.