Фото: Зоран Антоски

Со учество на над 300 мотоциклисти од земјава и странство, во изминативе три дена се одржа 33-то издание на мото – рели „Независност Македонија-2024“. На релито зедоа учество над 300 мотоциклисти од кои дел беа од странство и тоа од Словенија, Швајцарија, Австрија, Србија, Хрватска и други земји. Целокупната должина на релито беше извозена во период од три дена со две ноќевања во Дојран и Охрид, како и старт и цел во главниот град.

Фото: Зоран Антоски

– На наше големо задоволство и годинава по 33 пат се одржа мото- рели „Независност Македонија-2024“. Овој настан што ние како мотоциклистичка федерација го организираме, годинава се случи по рекорден 33 пат. Релито стартуваше од Скопје од градскиот плоштад и потоа преку Куманово, Кратово, Пробиштип со пауза во Кочани, продолжи преку Виница, Берово, Струмица до Дојран, каде што беше организирано првото ноќевање. Вториот ден релито од Дојран продолжи преку Гевгелија, Неготино, Кавадарци со пауза во Прилеп, продолжи во Битола, Ресен, со второ ноќевање заврши во Охрид. Завршниот ден релито од Охрид со пауза во Кичево, продолжи преку Гостивар, Тетово за да финишира на градскиот плоштад во Скопје, каде и го започна својот тридневен пат – истакна Зоран Трајковски, претседател на Мото-федерацијата.

Тој потсети дека најстариот учесник на годинешното мото-рели беше словенецот Ратко Широк, кој по 17-ти пат е дел од ова рели и најави дека и до година на своја 79 годишна возраст очекува да биде дел од ова рели.