Претседателката Силјановска-Давкова ги прими акредитивите на
новоименуваниот шеф на Делегацијата на ЕУ
По повеќе од три децении од нашето осамостојување, стремежот за полноправно членство во Европската Унија и понатаму е важен општествен двигател и значаен фактор на кохезија за огромното мнозинство македонски граѓани, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова во поздравното обраќање на церемонијата на предавање на акредитивните писма. Таа изрази уверување дека со поддршка од ЕУ, земјава може да напредува со забрзано темпо и без никакви пречки и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција.
Шефот на Делегацијата на ЕУ, Михалис Рокас, при предавањето на акредитивните писма посочи и на неодамнешната одлука на Советот и на Европскиот парламент да го финансира инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
– Би сакал да Ве уверам дека моја цел е да ѝ помогнам на Северна Македонија да оди напред и да направи видливи чекори на патот кон оваа заедничка определба за членство во Унијата. Подготвени сме за отворен дијалог, да слушаме, да советуваме и заедно да наоѓаме решенија. Очекувам да соработувам со Вас, Ваша екселенцијо, со парламентот, со Владата и со сите други чинители на граѓанското општество – истакна амбасадорот Рокас.
Тој порача и дека ќе ги застапува вредностите на Унијата, почитувањето на човековите права и владеењето на правото.
Претседателката Силјановска-Давкова изрази уверување дека со поддршка од ЕУ, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција, со забрзано темпо и без никакви пречки.
– Низ годините донесовме храбри и многу тешки одлуки во интерес на иднината на нашите граѓани и на државата. Направивме многу за да се доближиме до потребните европски стандарди, да преземеме значаен дел од законодавството на ЕУ и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети. Притоа, останавме докажан партнер од доверба за Унијата, како од аспект на реформите така и преку нашиот придонес во справувањето со многуте заеднички предизвици – истакна претседателката Силјановска-Давкова во поздравното обраќање. Н.М.