Илиевски на симултанката во Македонска Каменица

Досега во кариерата вкупно сум одиграл над 300 симултанки во Македонија и надвор и ниту една не сум загубил, вели Илиевски

ШАХ

Истакнатиот македонски шаховски интернационален мајстор (ИМ) Димитар Илиевски (83) одигра уште една успешна симултанка на 25 табли, со членовите на ШК Саса од Македонска Каменица. Притоа Илиевски забележа победа со 22-3, односно победи во 19 партии, а шест ремизира, без пораз.
– Половина поен освоија Лазо Стаменковски, главен организатор на симултанката, повеќекратен првак на Македонска Каменица и мој шаховски ученик. Потоа Славка Димитровска, Санде Ивановски, Здравко Стојковски, Митко Попов и младинецот Димитар Гочевски – вели Илиевски.
Илиевски го постигна најголемиот успех во неговата богата шаховска кариера во 1971 година, кога го освои високото петто место на петтиот меѓународен Турнир на солидарноста, потоа титулите национален мајстор на Југославија и ФИДЕ-мајстор (ФМ), а ја надмина рејтинг-нормата за интернационален мајстор (ИМ) и рејтинг-нормата за велемајстор (ВМ). Патем, таа година освои дури 180 нови рејтинг-поени, со што изби на 120-то место на светската ранг-листа (2.460 р.п.), а на првото на македонската.
– Оваа симултанка му ја посветив на мојот брат Борче Илиевски, кој тој ден наполни 89 години, а најголемиот успех го постигна кога успеа да ремизира со Роберт Фишер на Турнирот на солидарноста. Потоа на 50 години од одигрувањето на мојата симултанка, исто така, тука во Македонска Каменица (1974), кога и ја водев пионерската школа од овој град, од која, пак, во 1980 година токму тие моите ученици со клубот беа пионерски прваци на Македонија, а настапија и на Купот на Маршал Тито во Пула, каде што беа високо пласирани во својата група, ја посветив и на Денот на рударите и на Општина Македонска Каменица – појаснува Илиевски.
Симултанката траеше три часа и се одигра во новите шаховски простории на клубот Саса од Македонска Каменица.
– Во ниту една позиција од партиите што ги одиграв на симултанката во Македонска Каменица не бев во инфериорна позиција, а една беше и наполно добиена. Досега во кариерата сум одиграл вкупно над 300 симултанки во Македонија и надвор и ниту една не сум загубил. Патем сум и македонски рекордер според бројот на учесници против кои сум играл на една симултанка, вкупно 58 – вели Илиевски. Г.И.