Фото: ЕПА

Кина и САД треба да станат извор на безбедност за светскиот мир и двигател на заеднички развој, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен, пренесоа државните медиуми.

-Посветеноста на Кина за стабилен, здрав и одржлив развој на кинеско-американските односи останува непроменета – рече Си, кој денеска во Пекинг го прими советникот за национална безбедност на Белата куќа, кој од вторникот е во посета на Кина. Тој е првиот советник за национална безбедност што ја посетил земјата од 2016 година.

Тие осум години беа период во кој односите меѓу Вашингтон и Пекинг беа затегнати поради трговски и безбедносни прашања.

Саливен претходно се сретна со кинескиот генерал и потпретседател на Централната воена комисија Џанг Јукси, како и со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

-Со оглед на состојбата во светот и потребата за одговорно управување со односите меѓу САД и Кина, мислам дека тоа е многу важен состанок – нагласи Саливен за средбата со генералот Џанг.

Белата куќа во врска со средбата на Саливен со Ванг Ји соопшти дека „двете страни имаа искрена, суштинска и конструктивна дискусија за низа билатерални, регионални и глобални прашања“.