Министерството за образование и наука позитивно одговорило на две од трите барања кои Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет му ги достави пред два дена. Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека нив ги решиле „експресно, во рок од еден ден“, а за третото е потребно извесно време.
На барањето на УСС на УКИМ да се продолжи рокот за аплицирање за студентски оброк и по 5 септември, за да може да аплицираат и студентите бруцоши односно да не мора да конкурираат за ова право еден месец подоцна, Јаневска рече дека и студентите кои годинава се запишуваат во прва година, исто така, ќе може да аплицираат до рокот утврден со повикот, 5 септември.
Според министерката, исполнето е и барањето на студентите за оние што завршиле три години додипломски студии да имаат право да аплицираат за стипендии за втор циклус студии.
За барањето на УСС на УКИМ да се усвои Законот за младински стандард, министерката денеска рече дека на тоа ќе треба да причекаат извесен период, бидејќи треба тоа барање да го разгледа и Министерството и да направи усогласување, па потоа и тоа за кратко време да биде завршено.