Најмладиот премиер во француската историја се претвора во најголема закана за претседателот Емануел Макрон
Вознемирениот изглед на лицето на Габриел Атал кога францускиот претседател Емануел Макрон ги објави плановите за распишување предвремени избори, по ударот што го претрпе неговата партија на европските избори во јуни, навести превирања. А неколку месеци претходно, Макрон му даде доверба на Атал, со што тој стана најмладиот премиер во француската историја. Но ненадејната одлука на претседателот за распишување избори значеше дека времето на 35-годишникот на премиерската функција веројатно ќе биде скратено, бидејќи центристичката коалиција на владата во заминување немаше никакви изгледи за победа. Тогаш Атал реши да ги преземе работите во свои раце.
„Политико“ анализира: Атал во судир со Макрон
За време на кампањата, премиерот во заминување успешно го пополни вакуумот во власта. Обесхрабрени од навидум невнимателната одлука на претседателот да распише нови избори и загрижени дека неговиот низок рејтинг може да влијае на нивните кандидатури за реизбор, пратениците избраа да застанат зад младиот и борбен Атал наместо зад Макрон.
Со оглед на тоа што претседателскиот табор постигна подобар резултат од очекуваниот на предвремените избори, премиерот во заминување сега може да се позиционира за идните предизвици – ослободен од авторитетот на Макрон.
И покрај губењето приближно една третина од своите места во Националното собрание, центристичката коалиција успеа да се пласира на второто место зад левичарскиот сојуз Нов народен фронт (НФП), но пред Националниот собир. Со поделениот законодавен дом, центристичките сили би можеле да играат клучна улога и покрај нивниот изборен пораз. Атал го искористи моментот и ја презеде контролата врз главната центристичка група во парламентот, Ренесанса, спротивно на желбите на претседателот. Сега, 35-годишникот има намера да ја преземе и партијата, доведувајќи се во судир со францускиот претседател, кој своевремено го опиша Атал „речиси како помал брат“.
Од мини-верзија на Макрон до закана
Сметан за надарен комуникатор без доминантна идеолошка линија, Атал беше драгоцено богатство за Макрон од неговиот избор во 2017 година. По влегувањето во парламентот, Атал, производ на париските елитни институции, служеше како министер за млади, буџет и образование и имаше краток мандат како владин портпарол за време на пандемијата на ковид-19 пред да стане премиер.
Иако беше поранешен член на Социјалистичката партија, Атал прифати десничарски политики, позиционирајќи се себеси како фигура на редот и законот, став што ја зголеми неговата популарност.
Во времето на неговото назначување за премиер, Атал се сметаше за последната карта на Макрон против метеорскиот подем на ѕвездата на екстремната десница Џордан Бардела пред европските избори. Атал активно учествуваше во европската кампања, но на крајот претрпе неуспех бидејќи Националниот собир на Бардела заврши со двоцифрена предност пред центристите. Сепак, се чини дека Атал излезе без сериозни последици од изборните проблеми во неговиот табор.
Макрон формално ја прифати оставката на Атал на 16 јули, а премиерот во заминување оттогаш дејствуваше како лидер на преодната влада бидејќи претседателот не брза со назначувањето нова извршна власт. Р.С.
.