На четвртата вечер од филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран беa проектирани шест кратки и долгометражни филма. На самиот почеток беше прикажан „Дали си маж“ – краткиот македонски филм на Ѓорче Ставрески, по што публиката имаше можност да постави прашања директно до режисерот. Беше проектиран долгометражниот филм „Сребрен бунт“ од израелскиот режисер Дан Шадур и „Човекот што не можеше да молчи“ на хрватскиот режисер Небојша Слијепчевиќ. Публиката имаше можност да го гледа грчкиот филм „Тишина 6-9“ на Христос Пасалис, како и 13-минутниот филм „Балада“ на Кристофер Нилсон од Франција. „Волкот и мачката“ на Жан-Себастијан Бернар од Франција беше последниот краткометражен филм проектиран на „Преку езерото“.
Претходно, во претпладневните часови, како дел од студентската програма во годинашното издание на „Преку езерото“, се одржа третиот пичинг на студенти на конкурсот за финансиска подршка на дипломски филмови. Студентите, кои се идни филмски автори, ги презентираа своите сценарија пред менторот Александар Русјаков.
– На официјалното отворање на филмскиот фестивал „Преку езерото“ беше доделена единствената награда „Мето Јовановски“ – магот на македонското и балканското филмско мајсторство, актерот што мината година ја одигра својата последна улога на овој свет и замина во светот на вечната игра и вечните соништа – актерот и сонувач со отворени очи. Нашиот прв лауреат беше македонскиот актер Владо Јовановски. Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, нуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранско Езеро – велат организаторите.
Вчера, на последниот ден од фестивалот, беа прикажани: „Ѕвездена“ на Александра Лазаровски од Србија и „Хотел Пула“ на Андреј Коровљев од Хрватска, по што следуваа свечено затворање на фестивалот и доделување на фестивалските награди, како и на грантовите за дипломски студентски филмови.