Фото: Фејсбук

Не, САД не се единствената земја што се соочува со зголемени стапки на ментални болести, семејно насилство, катастрофални ефекти од видеоигрите и технологијата врз психата на луѓето или екстремни идеологии што поттикнуваат омраза… Но анализи и статистики публикувани во повеќе реномирани западни медиуми подвлекуваат интересен податок, имено дека „стапката на убиства со оружје во САД е 26 пати повисока отколку во другите земји“…

Иако претседателските избори во САД се одржуваат за помалку од три месеци, несомнено е дека неуспешниот атентат врз републиканскиот кандидат Доналд Трамп, крајно дискутабилен поради (не)дејствувањето на тајните служби, силно ќе влијае на нивниот исход. Соединетите Американски Држави се веќе длабоко политички поларизирани, констатираат американските медиуми, но карактеристично е и што медиумите своите „црни хроники“ сѐ повеќе ги полнат со случаи од насилство во САД.
М.Н. Од компилацијата на повеќе анализи објавени во „Геополитика“:
– Деградацијата на функцијата на американскиот претседател од страна на американската длабока држава, која како октопод се рашири низ разузнавачкиот и медиумскиот простор, трае најмалку од 2015-2016 година, кога таа ја нанишани претседателската кампања на Трамп и продолжи да го саботира неговиот претседателски мандат. Таа не беше ништо помалку безмилосна кон претседателот Џо Бајден, чија очигледна здравствена неспособност за време на неговите четири години на функција отвори простор за многубројни теории на заговор.
Политичарот што доби најмногу гласови на прелиминарните избори на Демократската партија одеднаш е принуден да се повлече. Имено, според американскиот воен историчар Виктор Дејвис Хенсон, „скриените богати донатори и политичари во сенка што раководат со Демократската партија биле подготвени да го искористат за уште еден мандат и покрај неговата незавидна здравствена состојба, но кога виделе дека најверојатно ќе ги загуби изборите, студено го отфрлија. Волјата за моќ секогаш го надминува заедничкиот интерес на државата.

Полот и расата одат во полза на Камала Харис

Сега, само неколку недели пред демократската национална конвенција во Чикаго, демократите одеднаш се наоѓаат на непозната територија. Потрагата по нов претседателски кандидат резултираше со избор на Камала Харис. Актуелната потпретседателка всушност е најдобриот избор. Имено, според теоријата на интерсекционален феминизам, нејзината претседателска кандидатура и нејзиниот можен мандат како претседател претставуваат триумф над двојната дискриминација, односно пречките што произлегуваат од нејзиниот пол, но и од нејзината раса.
Во многу кратката кампања што ќе ја води во случај на номинација, Харис дефинитивно ќе се фокусира на издигање на јавната свест за специфичните предизвици со кои се соочуваат жените, вклучувајќи ги и оние во боја, што би помогнало да се промени перцепцијата на американската јавност и да се зголеми емпатијата меѓу гласачите. Соработката со различни општествени групи што се борат против дискриминацијата (жени, малцинства, заедници ЛГБТК+, лица со попреченост…) може да создаде посилен обединет фронт, кој не треба да се игнорира при оценувањето на изборните резултати. Имено, овие коалиции можат да помогнат да се мобилизира поддршката за кандидатката на демократите од навистина широка основа што ја препознава важноста на меѓусекционалноста. Ова можеби е клучниот предизвик за Трамп и движењето МАГА.
Сепак, Камала Харис целосно потфрли во одделот за имиграција што беше под нејзина надлежност, што републиканците ќе го истакнат како „топ тема“. Понатаму, за републиканците, но и за многу Американци, останува клучното прашање – ако Бајден моментално не е способен да биде претседателски кандидат, како може да продолжи да ги извршува многу тешките должности на претседателската функција до крајот на неговиот исклучително турбулентен мандат. Ова прашање има подлабоки изборни импликации во секој обид да се анализира повлекувањето на Бајден. Дали Камала Харис и другите претставници на Белата куќа биле свесни за намалените ментални способности на претседателот, дали потпретседателот ја лажел американската јавност за здравствената состојба на Бајден, колку долго таа и донаторите на Демократската партија имаат такви информации – ова се клучни прашања што републиканците во моментов ги апострофираат.

Срамно гласање во Европскиот парламент

Атентатот врз поранешниот американски претседател, сега претседателски кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, е само последниот насилен инцидент насочен кон избран функционер или кандидат во последните неколку години во САД, а трендот незапирливо се шири во Европа. Згора на тоа, тезата дека влеговме во глобална ера во која политичките убијци/ атентатори повторно се актери на меѓународните односи е јасно поддржана од неодамнешните напади врз животите на избраните функционери буквално низ целиот свет – во Аргентина, Велика Британија, Хаити, Јапонија, но и во Европа – од Германија, Данска до Словачка, каде што премиерот Роберт Фицо за влакно ќе го загубеше животот.
Навистина, нападот врз Трамп доаѓа во време кога веќе длабоко поларизираната нација се соочува со ескалирачка спирала на политичко насилство. Нестабилноста на водечката светска суперсила не е нешто што Европејците треба да го игнорираат. Затоа за осуда е и постапката на Европскиот парламент, кој го отфрли предлогот на новите групации (во овој текст без префиксот екстремно десничарски) да се разговара за обидот за атентат врз Доналд Трамп и порастот на политичкото насилство во САД, како што пренесува угледниот портал „Политико“.
Резолуцијата за осуда на насилството беше отфрлена со 337 гласа „против“, 119 „за“ и 15 „воздржани“. Европската народна партија (ЕПП), социјалистите и демократите, либералната Обнови на Европа, зелените и левицата гласаа против дебатата за обидот за атентат врз Доналд Трамп со цел да се создаде санитарен кордон околу овие „екстремно десничарски сили“ што ги држи ги надвор од тесниот привилегиран круг на оние што сметаат дека имаат некакво природно право да креираат политики и да донесуваат важни одлуки. Што значи дека во европската политика има двојни стандарди за оценување на политичките убиства. Сосема неразумно и тажно! Р.С.