Општо е познато дека иднината ќе зависи од количествата на вода за пиење, но и од производството на храна. Вкусна, сочна, мирислива и што е најважно – здрава. Но како да се зачува срцевината на организираното производство кога постои голема негрижа кон пристапот, традицијата, семенарството и сето она што значи хранење на почвата со природни ѓубрива?
Навистина морбиден наслов, кој како да навестува зло. Ама, ете, ќе речам дека се вклопува во амбиенталната структура на јавето што го живееме. При состојба на перманентни милитантни дејства и закани, на сосема згасната свест и совест потисната од влијанието на интересот како императивна цел на животот и живеењето, на профитот како единствениот господар на цивилизацијата со сѐ помалку белези што ја прават исконска вредност на човештвото, очекувано е да се размислува на тој начин. Впрочем, ордите на Арес денес уште пожестоко ја газат и уништуваат оваа кревка и ранлива цивилизација. Општеството се затскрива зад ѓаволската наметка на варијациите што завршуваат на „ија“ и „изам“ (демократија, автократија, анархија, социјализам, капитализам…), а разумот сѐ повеќе се разводнува и им го препушта местото на плимата порочни белези за кои мислевме дека одамна исчезнале поради еволутивната траекторија. Планета на и за елитите. Наивно да се верува во магла, нели? Но, да. Најдобар показател е чесниот витез Дон Кихот од Ла Манча на Мигуел Сервантес, кој одамна ја загуби битката со порокот. Значи, порокот како карактерна појава е далеку поприфатлив за единката бидејќи нуди, меѓу другото, и слатки шарени лижалчиња. Лижеш, а духовно гладен и празен.
Е, па, да се свртиме повторно кон насловот, кој е фундаментален за оваа наша приказна. „Полиња на смртта“ можеби е увезен артикл, можеби и не е? На оние што инвестираат во проекти е да нудат, на консументите добро да размислат дали ќе прифатат. Ако тргнете на пат низ Полог, кој е една од неколкуте плодни територии во земјава низ која минува автопат, наместо бескрајни полиња засеани со култури што значат живот, многу ќе се разочарате. Насекаде покрај автопатот, агресивна индустријализација и загаденост без мера.
Сите терсене, ние наопаку. Ќе се потсетиме дека нашите умни предци своите домови ги граделе високо на ридовите за да ги заштитат родните полиња со посевите што им обезбедувале вкусна природна храна за себе и за оние што не биле во можност да се занимаваат со земјоделство. За жал, имавме периоди на агресивна преселба од селата во полето и на тој начин го скусивме просторот што живот ни дава и живот значи – полето. За планините и планинските села во некоја друга пригода иако намерникот ќе биде среќен доколку таму сретне барем едно семејство, а некаде и еден единствен човек – жител што со натчовечки сили се бори за одржување на својата мала економија. Сите на пазар бараме природно, а природата безмилосно ја уништуваме преку разни процеси на модернизација (рударски ископувања и сл.) и со индустријализација. Индустријализација? Зарем повторно околу неа?
Општо е познато дека иднината ќе зависи од количествата на вода за пиење, но и од производството на храна. Вкусна, сочна, мирислива и што е најважно – здрава. Но како да се сочува срцевината на организираното производство кога постои голема негрижа кон пристапот, традицијата, семенарството и сето она што значи хранење на почвата со природни ѓубрива? Како да опстане чевлар при силен увоз на евтини папучи или производител на храна со истиот проблем? Помнам, едно не толку големо село, некогаш имаше над 300 единки крупна стока. Знае ли некој од оние што треба да носат одлуки во интерес на општеството што е биволица и колку е скапоцено нејзиното млеко? Како може да се дозволи водите неповратно да ни „исчезнуваат“? Колку повеќе се зборува за интензивирање на производството на храна, колку повеќе националниот буџет се „фали“ со издвојување на сѐ поголеми износи наменети за компензации на производителите на храна и грижата за нив, за гарантираните цени и редовен откуп од страна на државата, не е разбирливо зошто сѐ повеќе луѓе од земјоделството ги собираат парталите и бегаат некаде на западната ни страна од континентот. Зошто е така? Не знам дали таму ги чека елдорадо и дали ќе исполнат некоја своја замисла, но знам сигурно дека некој таму во тие држави убаво ќе си го наполни ќесето од евтината работна сила што во сопствената земја може да го има статусот почитуван стопан и господар на својата судбина. Таму високите парични надоместоци се релативно високи бидејќи во конечните пресметки може да се открие дека всушност и не е така за енормно вложениот труд.
Се разбира, никој од спомнатите нема да признае колку му е тешко, иако со нескриена радост би се вратил назад во татковината. Срам или што? Ѓубрето како фиксиран котиледон и посакувана атракција во генот на нашиот народ и воопшто на оние луѓе од сиромашните земји на кои животот не им е розов, можеби наградува и го величи егото, ама ретко или никогаш не разубавува и не дозволува целосно да се ужива во спечаленото, оти додека да го прескокнеме прагот, ете ја староста. Но бидејќи живееме во свет на материјални вредности, кому му е гајле заради разделби и одвоен живот (во име на вистината сѐ почесто на гурбет заминуваат цели семејства), за младост и енергија потрошена за богатење на некој што можеби многу помалку се разбира во професијата аграр, сточар, овчар. Светот на прекрасните фасади и животот во граѓанските високоразвиени земји не е за дојденците. Тие се таму со посебни задачи и за посебни потреби на општеството.
Луѓе, па ние имаме поднебје на кое многу земји од развиениот свет можат да ни завидуваат. Имаме сонце, богата почва, бистри планински води, имаме вреден народ, кој треба само да се насочи, бидејќи е мошне баран на Западот како вредност, имаме насмевки, „добро утро, добар ден, добра вечер, како си, како се твоите, како се моите, имаме муабет“, а сето тоа со пари не се плаќа. За жал, ние и не сме свесни колку сме богати и како држава и како духовност, која полека ама сигурно презема вредности од просторите кај кои сонцето матно грее. Зарем нашите производи за ситна пара, впрочем како и многу други продукти, се само ресурси за производство на готови производи што ни се враќаат нам на пазарот со повеќекратна заработка за производителот? Од горкото искуството на Југославија галиба, не научивме ништо.
Постоеја многу критичари и критизери на режимот на Броз. Сега веќе далечно, ама поучно минато. Во основата на неговата економска политика беа петолетките (развојни програми). Акцентот беше ставен на индустријализацијата, но ако малку подлабоко се нурнеше во развојот на тогашната држава, веднаш ќе се забележеше резултатска и мошне квалитетна разновидност во индустриските и другите гранки од општеството. Но, ајде, индустријализацијата ги испразни селата, пред сѐ планинските. Можеби поради задружниот живот, можеби поради програмата за отстранување на козите, кои ги брстеа младите фиданки и ја уништуваа шумата. Се случи она што безмалку и денес го измачува нашето општество. Во минатото државата што повеќе ја нема не успеа да направи индустриски одговорен работник, а селата ги испразни токму заради индустријализација. Каде е поуката од сето тоа? Едноставно, ниту по триесет и кусур години независна Македонија не се најде јунак да ја спречи „чумата“ наречена повратен процес од процесот на индустријализацијата ама и на гурбетот. Обидот да се создадат услови за враќање на село остана само пуста надеж за сите оние што се занимавале или сакаат да се занимаваат со земјоделство, сточарство или овчарство. Инфраструктурни проекти за заживување на руралните рајски средини имало сосема малку или обидите биле само декларативни. Со здравствен дом или амбуланта едвај може да се пофали дури и туристички регион каков што е мавровскиот. Како што беше кажано, морници ќе ве полазат по ’рбетниот столб кога ќе посетите некое планинско село во кое ако имате голема среќа, ќе сретнете дури еден жител. Нема ниту петли ниту кучиња. Рамничарските села друга мака мачат.
Таму плодната мајчица земја плаче за обработка. Да, таму сѐ уште има луѓе. До кога, не знам. Кога спомнав за полиња на смртта, тогаш мислев токму на полињата зараснати во коров, на нивите до автострадата претворени во песочни бази, бензински пумпи, хотели, мотели, депоа за отпадни материјали (стари автомобили), монтажни фабрики и други индустриски објекти. Далеку од тоа дека тие објекти не ни се од полза, но ако се лоцирани на вистински места. Каде е традицијата, каде се умот и разумот на нашите предци? Повторно го живееме процесот на индустријализација? Па, кој е тој што ќе остане во земјоделството кога има голем број понуди што гарантираат сигурна и поголема заработка? Наместо опоен мирис на бавчи посеани со сите можни земјоделски култури наследени од дедо-предедо и полиња претворени во житници, на сите страни се шири непријатен мирис, кој ги оправдува нашите стравувања за здравјето и иднината. Тие мириси и сивиот индустриски амбиент предизвикуваат грч на лицата на луѓето, купишта отпад и пустош, дополнета со речиси бесповратен тренд за гурбетување. А кога има сѐ помалку луѓе, на површина се појавуваат луѓе со зли намери. Некаде деиндустријализација, некаде индустријализација. Ние затекнати на суво. Згора на тоа, Македонија гори и на тој начин ја заокружува сликата за нашиот опстанок. Не, воопшто не е пренагласен заклучок. Ме чуди само како немаше толку палежи и самоуништување во интерес на „повисоки цели“ таму некаде во минатото. Климата е променета? Белки не ќе е демократијата или разбирањето на нејзината суштина? Ако е така, тогаш треба да се постави соодветна дијагноза. Во спротивно, нема лек. Колку гаснеш, двојно и тројно се пали. Впрочем, се чини како да гори целиот свет. Од Украина до Газа, а западно и источно од последнава, помија од оружје, крв и вековни духовни рани на закрвавените. Нештата како да се пресликуваат, зарем не?
За ваквите состојби воопшто не се виновни луѓето. Имавме демократија, имавме избори и плурализам, ги избиравме најдобрите. Досега немавме возврат на нашите желби еднаш да се тргне кон вистинските вредности и кон просперитетот. Имавме само разголен политички инженеринг – секој за себе. Насоките што ги дава оној што добивал насоки којзнае од каде и кој, по законот на општествената логика, треба да биде и одговорен за погрешното исцртување на игралиштето на кое сите ние како поединци и народ ја играме својата ролја. Оти не е сѐ до замислите во главите на луѓето и до нивната толку глорифицирана самоиницијатива кога естаблишментот и рејсот (капетан на брод – тур.) ја води гемијата кон карпите. Така беше изминативе години, да се надеваме дека полињата повторно ќе се претворат во амбиентален рај на мириси и производи што од нас нема да регрутираат пациенти за лекување од чудни болештини.
Еден мој пријател земјоделец шегобијно, ама сосема искрено и реално, ги кажа својата мисла и заклучокот за полињата. По препорака, вели тој, прифативме семе од една европска земја. Првата година родот беше килограм посадено семе за 18 килограми род иако производот внатре до половина беше со кочани. Значи, само лице и надворешен сјај. Втората година патлиџанот беше од две половини. Едната румена како вино, втората мртовечки бледа. Наедно, по полето се рашири епидемија од жолти полжави. Повторно бевме принудени да земеме лекови за уништување на полжавите, зборува тој и се потсмевнува. Препаратите беа од истата држава. Заклучокот беше дека – ај што си го доведовме нашето изворно семе на патлиџан тромак до исчезнување, туку и на кромидот, кој беше гордост низ бившата ни држава, поголема пакост настана кога видовме дека земјата ни е заразена. И сето тоа за поголем принос и поголеми приходи.
Патем, во моментот кога имале најголем принос, некој загрижен министер дозволил влез на домати од надвор што се продавале по пониска цена…
Љубомир Јованоски