Новиот лидер на Хамас Јахја Синвар останува клучен фактор за склучување примирје во Појасот Газа, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
– Преговорите за ослободување на заложниците во Газа се во завршна фаза, и од клучно значење е засегнатите страни да работат на завршување на договорот што е можно побрзо – изјави Блинкен по синоќешната средба со американскиот министер за одбрана Лојд Остин и нивните австралиски колеги во Анаполис, Мериленд.
Блинкен и Остин разговараа со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг и министерот за одбрана и вицепремиер на земјата Ричард Марлс во комплексот на американската поморска академија.
Радикалното палестинско движење „Хамас“ синоќа соопшти дека Синвар, кој е водач на групата во Појасот Газа, е именуван за шеф на целата организација на местото на Исмаил Ханија, кој беше убиен минатата недела во иранската престолнина Техеран.
– Ги контактиравме Израел и Иран директно за прашањето дека никој не треба да ја подига тензијата на Блискиот Исток. Сите во регионот мора да разберат дека понатамошните напади само ќе го продлабочат конфликтот, нестабилноста и неизвесноста за сите – рече првиот американски дипломат.
– Од исклучителна важност е сите страни да работат на финализирање на договорот што е можно поскоро, рече тој, истакнувајќи дека американскиот претседател Џо Бајден претходно истиот ден разговарал со катарскиот Амир Шеик Тамим Бин Хамад ал Тани и египетскиот претседател Фатах Ел-Сиси. Двете земји беа главните посредници за постигнување договор.
– Постои договор за рамката. Она на што работевме во последните неколку недели се важни детали за тоа како всушност ќе се спроведува – рече Блинкен.
-Имаше некои работи за кои требаше да се преговара во тој процес и работата на тоа продолжи во последните недели. Ова е навистина време за сите вклучени страни да го затворат ова прашање. Не треба да има одложувања. Нема оправдувања. Нема причини зошто не можеме да направиме нешто – истакна шефот на американската дипломатија и ги повика Израел и Хамас „да се фокусираат на тоа да стигнат до „да“.