Се подготвува испраќање на првиот српски сателит во вселената
Првиот сателит што Србија се подготвува да го испрати во орбитата, наречен „Мозаик“, содржи мала камера што ќе ја снима Србија оддалеку, покрај задачата да го набљудува Сонцето во доменот на рендгенските зраци, што е невозможно од Земјата. Ова го изјави научниот соработник на српската астрономска опсерваторија во Белград Милан Стојановиќ, додавајќи дека сателитот треба да ги помине сите можни пропишани тестови според светските стандарди пред да биде лансиран.
Во целите на мисијата спаѓа добивањето снимки за подобро да се совлада таа технологија, како и учење и совладување на сите техники – од набавката на компоненти до самото лансирање сателити во вселената, со намера подоцна да се работи на конструкција и испраќање поголеми летала.
Планот е „Мозаик“ да биде лансиран кон крајот на идната или почетокот на 2026 година, при што е предвидено да се задржи во орбитата две-три години. „Мозаик“ спаѓа во класата на мали сателити познати како „Кјубсат“, со димензии 10 х 10 х 10 сантиметри, кои колоквијално се нарекуваат „коцка“ или наносателити. Проектот беше почнат пред околу две години, при што на него заедно соработуваат Астрономската опсерваторија, Машинскиот, Математичкиот и Електротехничкиот факултет од Белград, како и институтот „Михајло Пупин“. Р.С.