Ако се суди според билансот остварен во првите два месеци и бројот на отстрелани диви свињи, тогаш ловџиите од Кичево и кичевско можат да бидат повеќе од задоволни, бидејќи секој викенд со добра ловина се враќаат дома и, покрај тоа што есенва му погодува на дивечот, поради немање на снежна покривка и минусни температури лесно доаѓаат до храна.
-Според бројот на отстреланиот дивеч во досегашниот тек од ловната сезона можеме да бидеме наполно задоволни и речиси да нема ловечко друштво кое оваа есен се вратило дома без барем еден отстрелан примерок дива свиња. Според нашето долгогодишно искуство, богатиот лов есенва се должи на неколку фактори и тоа, намален е криволовот што ја зголемува бројноста на диви свињи во природата, дополнителна причина е грижата што ја водиме со прихранување на дивечот во најкритичниот период од зимата, што придонесува да има исклучително мали загуби кај подмладокот и на крај се пообилната храна во природата овозможува дивите свињи да се множат со побрза динамика, а бројот на млади да биде се поброен. Овој тренд очекуваме да не следи до крајот на ловната сезона а тоа е последниот викенд од месец јануари -вели Милован Симјаноски од ловечкото друштво „Сокол“.
З.А.