Во текот на денешниот ден до сега имаме 17 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив, шест се целосно изгаснати, додека пет се ставени под целосна контрола. Во овој момент имаме шест активни пожари, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Како што посочи, првиот и најсложен пожар за гаснење на територијата на Општина Македонски Брод е пожарот во атарот на селата Тажево и Брезница, со кракот кон Јасен, пожар кој што беснее повеќе денови.
– Дождот кој што денеска заврна во мала количина не го изгасна овој пожар и тој продолжува со горење. На ова место делува тимот од 40 лица од Унгарија со специјални теренски возила, како и 50 припадници на македонската Армија, поддржани со воздухоплови – рече Ангелов.
Тој информираше дека вториот сложан пожар е пожарот на територија на Општина Пробиштип, поточно на Осоговските планини, кој што беснее во атарот на село Зеленград. Посочи дека во овој момент очекуваат дождот да помогне во активностите, но до сега смета дека врз овој пожар е воспоставена делумна контрола.
– На ова место денес дејствувавме со концетриран напад со повеќе хеликоптери, онолку колку што можевме максимум да испратиме. На територија на Општина Демир Хисар имаме пожар на Илинска планина, многу непријатен пожар кој што исто така гори неколку дена. Во текот на вчерашниот ден дејствувавме со „ер трактори“, но се создаваше густ црн чад, кој што го отежнуваше летањето на леталата и ја загрозуваше нивната безбедност, поради што моравме да прекинеме со гаснење од воздух. Во овој момент таму дејствуваат сили од земја – рече Ангелов.
Тој додаде дека има уште еден пожар во Општина Пласница, кај село Пласница каде што се гаси од земја. Како што рече, пожарот во близина на Охрид кој што избувна во атарот на село Косел денес повторно се активираше, предизвикува вознемиреност кај населението, се движи во насока на Ресен, но не претставува закана по ниту едно населено место.
– Иако има повеќе од сто луѓе кои што гаснат на земја, едноставно проади ветерот во еден момент се изгуби контролата врз овој пожар. Последниот активен пожар е на територијата на Општина Долнени и село Лажани и тој се гаси од земја, гори ниска вегетација. Под контрола имаме пет пожари на територија на Општина Кратово, Кочани, Македонски Брод, Свети Николе и Пробиштип – додаде Ангелов.
Тој напомена дека се изгаснати целосно шест пожари од кои што два на територија на градот Скопје, кои што во доцните попладневни часови во текот на вчерашниот ден предизвикуваа вознемиреност кај граѓаните, пожарот во Општина Зелениково и Студеничани.
– Пожарот кој што е изгаснат е пожарот кај Ново село, село Бадилен кој што повторно се реактивира и повторно е изгаснат, и во атарот на Пробиштип, од другата страна на Осоговската планина. Шестиот изгаснат пожар кој избувна во текот на денешниот ден и веднаш изгаснат е пожар на територија на Општина Лозово. За сега дождот не ни е од голема корист, бидејќи ги промаши неколкуте за нас критични пожари – рече Ангелов.
Тој појасни дека во овој момент со европскиот механизам за заштита и спасување на територија на државата ја имаме следната странска помош – еден хеликоптер од Србија, еден од Чешка, еден од Словенија, два од Унгарија, како и два „ер трактори“ од Шведска и два од Германија.
Воедно, потенцираше, на помош е пристигнат тим од Унгарија со 46 лица со специјални теренски возила, со кои што може да се движат потешко пристапни предели.