Музеј на македонската борба

Во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, темелникот на македонската државност, вечерва во 19.30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе биде поставена изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“.
Селекција од 24 скици и цртежи, изработени од познатиот уметник Борко Лазески, кои послужиле како план за монументалната фреска „Илинден 1903“, првпат ќе биде претставена пред македонската публика. Авторка е Марија Коробар, а изложбата се организира во соработка со асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје. Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември.
Изработката на ваква фреска е прв ваков зафат во нашата земја. Таа е посветена на величествениот настан од 1903 година, Илинденско востание. За локација е избран ѕидот во холот на Домот на ЈНА во Скопје (за време на земјотресот оваа фреска беше уништена). Единствено зачувано дело, реализирано пред земјотресот во 1954 година, е мозаикот „1903-1941“. Тој е сместен на спомен-чешмата во с. Смилево, Дебрца. Делото е поставено во отворен простор, на две симетрично поставени површини што ги делат спомен-плочата и чешмата.

Левата страна ја претставува делот што ја симболизира илинденската епопеја од 1903 година, а од десната се настаните од НОВ од 1941 година. Прикажано е револуционерното минато како никулец на иднината. Изработен со интенција постојано да контактира со еден поширок аудиториум, денес овој мозаик го постигнува својот несакан епилог – стои осамен и отуѓен, како и малобројните жители на селото.
Борко Лазески (1917-1993) е македонски ликовен уметник, кој се смета за предвесник на првата повоена генерација на академски образовани уметници во Македонија. Во 1933/1934 година Лазески се запишува на Ликовната академија во Белград. Дополнително го продолжува школувањето во Бугарија, на Државната уметничка академија во Софија, каде што ги завршува студиите во 1943 година. Како стипендист на француската влада во почетокот на 1945 година се запишува на париската Висока национална школа за ликовна уметност, во одделот за фрескосликарство на Дикос де ла Ај. Тука ги проучува монументалните техники што подоцна ќе станат негова уметничка определба. Во почетокот на 1945 година учествува во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Лазески е прв в.д. директор на Уметничката галерија во Скопје, формирана во 1948 година.