Во текот на натпреварот добро се координиравме и сите серии беа над 104, освен една, со што оствари највисок резултат на едни олимписки игри во дисциплината пушка. Зад нас оставивме европски и светски прваци како што се Чешка, Велика Британија, Америка, Германија, Бразил и други. За влез во финалето беа потребни 631,3 круг, односно ни недостигаа само шест круга, изјави селекторот Тасевски, пренесе МОК
Македонската стрелачка Анастасија Мојсовска имаше одличен резултат во својот дебитантски настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, вчера, освојувајќи го 31-то место во дисциплината пукање со воздушна пушка од 10 метри, во конкуренција на 43 натпреварувачки, информира Македонскиот олимписки комитет (МОК). Во квалификациската рунда, Мојсовска, по шесте серии, имаше вкупен резултат од 625,3 погодени круга. Нејзиниот најдобар резултат останува 628,8 круга, а финалето ѝ избега за шест круга, пишува МОК.
– Во текот на натпреварот добро се координиравме и сите серии беа над 104, освен една, со што оствари највисок резултат на едни олимписки игри во дисциплината пушка. Зад нас оставивме европски и светски прваци како што се Чешка, Велика Британија, Америка, Германија, Бразил и др. За влез во финалето беа потребни 631,3 круг, односно ни недостигаа само шест круга. Анастасија погоди 57 од 60 дијаболи во центарот, но кај нас едно срцебиење и зголемен адреналин влијаат на квалитетот на центрите – изјави селекторот Тасевски, пренесе Македонскиот олимписки комитет.
Во финалето во стрелаштво на Игрите во Париз, во пукање со воздушна пушка од 10 метри, предвидено за денеска, ќе настапат Хјоџин Бан (Јужна Кореја, 634,5 круга во квалификациите), Хег Жанет Дуестад (Норвешка, 633,2), Одри Гоне (Швајцарија, 632,6), Јутинг Хуанг (Кина, 632,6), Рамита Рамита (Индија, 631,5), Александра Ле (Казахстан, 631,4), Саген Мадалена (САД, 631,4) и Осеан Мулер (Франција, 631,3).
Во саботата, 16-годишниот пливач Никола Ѓуретановиќ прв настапи од македонските претставници на годинашните Летни олимписки игри во Париз, во квалификациите на 400 метри слободно, со резултат 4:05,38 минути (неговиот рекорд е 4:02,61 минути), пишува МОК.
– Пред самата трка имав малку трема, моите години го направија своето, бев многу возбуден. Но, сепак, ова е едно големо искуство за мене, секако дека ќе се прикажам во најдобро светло на следните големи натпреварувања – изјави младиот Ѓуретановиќ за интернет-страницата на Македонскиот олимписки комитет.
Во пливачката трка на 400 метри слободно нов олимписки првак стана Лукас Мартенс од Германија, кој беше европски првак во 2022 година во таа дисциплина.
За македонските олимпијци следниот настап на Летните олимписки игри во Париз е утре, кога џудистот Еди Шерифовски ќе настапи во категоријата до 81 килограм. Потоа, на 8 август ќе се натпреваруваат Милијана Рељиќ (таеквондо, категорија до 57 килограми) и Владимир Егоров (борење во слободен стил, категорија до 57 килограми), а на 10 август и Дарио Ивановски (атлетика, маратон). Н.М.
Денеска финалиња во 11 спорта, нови дерби-мечеви во ракомет…
На Летните олимписки игри во Париз денеска ќе има финалиња во 11 спорта, и тоа во стрелаштво, скокови во вода, коњички спорт, велосипедизам, стреличарство, џудо, скејтбординг, кану-слалом, артистичка гимнастика, пливање и во мечување.
Од екипните спортови на Игрите во Франција, на пример, во ракомет за мажи, денеска на програмата се натпреварите Јапонија – Германија, Словенија – Хрватска, Египет – Данска, Шведска – Шпанија, Франција – Норвешка, Аргентина – Унгарија итн.
ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ НА ЛОИ 2024
ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР.
Австралија 3 2 0
Кина 3 0 1
Јужна Кореја 2 2 1
САД 1 2 2
Франција 1 2 1
Белгија 1 0 1
Јапонија 1 0 1
Казахстан 1 0 1
табелата е по вчерашните први две финалиња, а синоќа на програмата беа уште 13