Многу ми е интересна особината на демократијата, каде што божем треба да се почитува волјата на гласачите и победниците, односно мнозинството да управува со државата. Но тоа е далеку од вистината. Кога „демократијата“ се потпира на пари, донации, бизнис-интереси, на пропаганда, лаги, потплатени медиуми, тогаш за што зборуваме? Па, зборуваме за капитализам во неговата најсурова форма. Последниве декади зборуваме и за глобалисти, кои имаат цел да го управуваат светот. Ако треба и со војни, воени преврати, измислување архинепријатели на нивната „демократија“ и на нивниот безвреден, вредносен систем. Затоа да не се чудиме што и во развиените земји, или токму најмногу таму, луѓето завршуваат да бидат управувани од подземни елити, воени комплекси, сејачи на магла, и квазивладетели, сосема одвоени од потребите на луѓето.
На 13 јули, претседателскиот кандидат на САД, Доналд Трамп, за време на конвенцијата во Пенсилванија, за влакно преживеа атентат. За некој сантиметар. Младиот атентатор беше убиен. Без да се навлегува во теориите на заговор на овој чин, а такви постојат секогаш кога се работи за важен политичар, да анализираме зошто еден млад човек, студент, беше побуден да изврши ваков самоубиствен напад.
Откога стана јасно дека токму Трамп има најголеми шанси да ги добие следните претседателски избори, а демократите се во очајнички обид да се ослободат од претседателот Бајден како нивен претставник, се засилија нивните медиуми да го демонизираат Трамп. Едноставно модерно беше и сѐ уште е да прават монструозни споредби со Хитлер, нарекувајќи го фашист, плашејќи го народот дека неговото владеење ќе биде исполнето со „крв“ и одмазди. Не се одбираат средства, му се вадат изјави од контекст, предвидуваат крах на демократијата (која, онаа на неоконзервативците што во својата доктрина имаат „црно на бело“ дека ќе се борат за „мир преку војна“?). И сето ова низ социјалните медиуми се шири во секој дом како пожар.
Оваа пропаганда не е нова. Само, сега стана опасна и по животот на претседателскиот кандидат Трамп. Во 2016 година, при неговиот прв избор, ја произведоа познатата афера Рашагејт“ (Russiagate), каде што божем руските служби му помогнале на Трамп да ја победи незаменливата Хилари Клинтон. Зошто? Затоа што, наводно, Русите располагале со компромитирачки материјали за Трамп и сакале да игра по нивни ноти. Напишан е опсежен извештај, Милеров, на цели 448 страни, напишани се и неколку книги (на пр. „Рашагејт и пропагандата во време на социјалните медиуми“ – Оливер Бојд-Барет) за на крајот да се заклучи дека аферата е монтирана и личи на евтин шпионски роман (Le Monde diplomatique). Но и денес се вади од фиока со целосно истите инсинуации, а творците на оваа афера остануваат неказнети.
Немам намера да ги бранам политиките на Трамп, но секако нема да паднам под влијанието на досега видените политики на неоконзервативците, кои нагалено ги нарекуваат неокони, а сите до еден се убедени глобалисти. Доста ми беше од Сорос, MМФ, корпорацијата „Ранд“ и други инструменти на воинствените глобалисти, каде што сите сме еднакви, но тие се наједнакви и најповикани да сеат „демократски вредности“ во нивниот свет заснован на правила. Исклучиво нивни.
Отидоа дотаму што за нив е еретичка изјавата на Трамп дека ќе се сврти кон „сините јаки“, односно работниците, дека ќе направи што може да се завршат војните во кои САД се дебело вовлечени, дека нема да дозволи наплив на непријавени мигранти, дека ќе се сврти кон огромните проблеми со кои се соочува народот во САД итн. Тоа, секако, се политики за кои може да се дебатира, пред сѐ за тоа како мисли да ги оствари неговата администрација вака поставените цели, но никако не е дозволено да се прават безобразни, наменски конструирани историски паралели, кои лепат особено кај површно образованиот, а богат свет, кој гледа само низ призмата на своите јахти и вили. На пример, особено е гласен голем дел на Холивуд, кој има многу пари и медиуми да врши буквално хајка против Трамп. И сега, кога се повторуваат ваквите страшни тези постојано, на најмасовните медиуми, кога на народот му се закануваат со катаклизма и потоп, не чуди фактот што се најде некој психопат како младиот Томас Крукс, кој реши да ја „спаси“ државата. Сите овие медиуми имаат дел во вината за обидот на убиство на претседателскиот кандидат, кого упорно го нарекуваат „бившиот претседател“. Да немаат растурен правосуден систем што суди по потреба и кого „треба“, овие медиуми треба да одговараат и да ги докажат своите обвинувања. Или да добијат третман на чист жолт печат.
Индикативно и очигледно беше што истите тие американски медиуми се истакнаа уште веднаш по атентатот. Повеќето од нив, во првите моменти, не објавија воопшто дека станува збор за обид за атентат. Па така, „престижниот“ Си-ен-ен ќе објави дека: „Трамп падна по силен звук на неговата конвенција“, „Ју-ес-еј тудеј: „Трамп повреден на настан“, „Њујорк тајмс“: „Се слушнаа звуци бам, бам, бам“ и други срамни наслови. Фотографијата на која Трамп, веднаш по атентатот, стои исправен со дигната тупаница, со американско знаме во заднината и според композицијата наликува на ставањето на знамето по освојувањето на островот Иво Џима во Втората светска војна, ваквите и слични најгледани и читани медиуми одбегнуваат да ја прикажат затоа што рејтингот на Трамп растел (AXIOS). За улогата на сигурносните служби, која се става под прашање, нема да зборувам. Нека заврши истрагата, само се сомневам дека ќе заврши како истрагата за експлозијата на Северниот поток, каде што никој не е крив.
И ЕУ не е имуна на ваква груба сатанизација на политички личности што кај народот евидентно се во подем. Видете само како ја исклучија во Франција, партијата или движењето Национална асамблеја на Марин Ле Пен. Речиси истиот вокабулар се употребуваше со месеци во нивните најчитани медиуми. И таа била „фашист“ што треба итно да се ампутира од политиката. И покрај ваквите напади без основа, бидејќи нејзината програма не е крајно десна, а наликува најмногу на онаа на Де Гол (освен за нелегалната миграција), таа збриша на изборите за ЕП, а во првиот круг на парламентарните избори во Франција излезе прва. Макрон испадна целосен губитник и заврши на третото место. Следуваа масовни протести на левите и други партии, се палеше сѐ живо по улиците, медиумите долеваа на маслото, пренесуваа постојано од „лицето на местото“, интервјуираа воспалени „демократи“, кои се „поважен народ“ од оние што гласаа за Ле Пен и резултатот за вториот круг можеше да се предвиди.
Изборниот систем во Франција, скроен во 50-тите години за да ја елиминира тогаш најсилната партија, комунистичката (оваа борба се влечеше сѐ до 70-тите години), дозволува во вториот круг да се прават франкенштајн-комбинации со цел да се оди на „сите против еден“. Па така, победи Народниот фронт од леви партии, набрзина собрани на куп, со сосема различни платформи и идеологии, а ги поддржа партијата на Макрон, која сега може и да состави влада, иако беше целосен губитник. А може да состави, бидејќи во блокот на левите партии на кои им помагаше предизборно, никој никого не поднесува. Каде и како е тука почитувана волјата на народот? Ако постојано ни се става во уши дека „демократијата е власт на народот“, ова секако е злоупотреба на неговата волја. Губитниците се враќаат на бел коњ, а државата наскоро ќе влезе во хаос од неспоивите политики на сите што влегоа во победоносниот куп.
Почнувам да верувам дека луѓето со право го нарекуваат овој систем, подложен на злоупотреби, „демоНкратија“.