Засилениот неаргументиран притисок на Грција и Бугарија врз Македонија може да има обратен ефект за нив во ЕУ - Фото: „Нова Македонија“

Македонскиот евроинтеграциски пат да ги заобиколи уценувачките „правила“ на Атина и Софија

Земјите членки од регионот наместо да бидат спонзори и поддржувачи на своите соседи при проширувањето, повеќе се препознаа во улогата на опструктори и уценувачи, а сега си ја доделија и улогата на „надзорници“ на проширувањето на ЕУ, односно на евроинтегративниот пат на Македонија, па и на другите земји кандидати. Според соговорниците со кои се консултиравме, изјавите за „одлучувачката улога“ и „надзорник“ во името на Софија и Атина, во врска со македонските евроинтеграции, даваат само привид за некаква нивна моќ во надворешната политика, но истата таа со текот на времето ќе спласне, бидејќи тоа нема реална поткрепа во меѓународното право и во фундаменталните принципи на Унијата

Зачестените изјави на грчките политичари од тамошната извршна власт, како и на оние во евроструктурите, дека евроинтегративниот пат на Македонија (и на земјите од Западен Балкан) „поминува преку Атина“, речиси веднаш доби поддршка од официјалната политика на Бугарија, па бугарските политичари се трудат погласно да истакнат дека истиот тој пат „поминува и преку Софија“. Веројатно за да биде поуверливо, сега наративот за „наплатните рампи“ на патот до ЕУ се надградува со додатоци дека за тоа Софија и Атина добиле „дозвола од ЕУ“.

Опструктори, уценувачи и „надзорници“ на Македонија за нашиот евроинтегративен пат

Приказната за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан трае (официјално) најмалку дваесетина години, од самитот во Солун во 2003 година, кога е донесен заклучок дека регионот практично природно, културолошки, историски, па и политички ѝ припаѓа на Европа, кон чии природни граници Европската Унија се стреми и политички да се заокружи. Но и покрај декларативните заложби на официјалните функционери на ЕУ во изминатите дваесетина години за проширување со регионот Западен Балкан, процесите на теренот како да се движат обратнопропорционално од декларациите. Земјите членки од регионот наместо да бидат спонзори и поддржувачи на своите соседи при проширувањето, повеќе се препознаа во улогата на опструктори и уценувачи, а сега си ја доделија и улогата на „надзорници“ на проширувањето на ЕУ, односно на евроинтегративниот пат на Македонија, па и на другите земји кандидати.

Неодамна, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук на прашањето за европската перспектива на Балканот истакнал дека национален приоритет на Бугарија е „земјите од Западен Балкан да бидат дел од ЕУ и оваа врска со Европската Унија да се направи преку Софија“. Во тој контекст, бугарскиот европратеник порачува дека францускиот предлог (преговарачката рамка со ЕУ) треба да се имплементира доколку Македонија сака да започне преговори со ЕУ. Познавачите на состојбите во Европската Унија наведуваат дека најмудро за Македонија е да не им придава големо внимание на ваквите грчки и бугарски самофалби и да се фокусира на средување на внатрешните состојби, како и дека засилениот неаргументиран притисок на соседите врз Македонија може да има обратен ефект за нив во ЕУ.

Со молчењето на Брисел, Софија и Атина земаат сила и си даваат сѐ повеќе на значење дека имаат „одлучувачка улога за македонските евроинтеграции“

Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, Софија и Атина немаат некое реално „полномоштво“ од Брисел да се однесуваат како регионални хегемони, антидемократски и анахроно. Според него, преку невообичаената преговарачка предлог-рамка на ЕУ за Македонија (т.н. француски предлог), премногу им се угоди на уцените на Грција и Бугарија да се однесуваат како самоволни „надзорници“, но за тоа голема улога, вина и одговорност има прифаќањето на таквите нивни позиции од страна на претходната влада на Македонија. Пекевски смета дека изјавите за „одлучувачката улога“ и „надзорник“ на Софија и Атина, во врска со македонските евроинтеграции, даваат само привид за некаква нивна моќ во надворешната политика, но дека истата таа со текот на времето ќе спласне, бидејќи тоа нема реална поткрепа во меѓународното право и во фундаменталните принципи на Унијата.
– Во актуелната состојба со проширувањето на Европската Унија, односно стагнацијата по тоа прашање на Западен Балкан, официјална Атина и Софија си даваат повеќе на значење со изјавите дека патот на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан, особено на Македонија, поминува преку нив, отколку што реално имаат некое „полномоштво“ од Брисел. Навистина, преку невообичаената преговарачка предлог-рамка на ЕУ за Македонија (т.н. француски предлог), премногу им се угоди на уцените на Грција и Бугарија, но за тоа голема улога, вина и одговорност има во прифаќањето на таквите услови од страна на претходната влада на Македонија. Конкретно, кога станува збор за Бугарија (па и Грција не е далеку од таа состојба), ваквите изјави што даваат привид за некаква нивна моќ во надворешната политика служат повеќе за дефокусирање на нивната јавност од внатрешната политичка криза. Особено во Бугарија, која повеќе од три години не може да добие стабилна политичка влада. Но постои уште еден момент, кој ги мотивира политичките елити во Софија и Атина за вакви изјави со кои си придаваат важност. На тој начин се обидуваат да се позиционираат според новите светски политички случувања (претстојните избори во САД, решавање на кризите во Украина и на Блискиот Исток), по што големите сили сепак нема да им дозволат да бидат толку доминантни со своите апсурдни барања и условувања. Најмудро за Македонија во овој миг е да не им придава големо внимание на ваквите грчки и бугарски самофалби и да се фокусира на средување на внатрешните состојби – политички, пред сѐ економски, а приоритетно да биде справувањето со корупцијата – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.


Во Македонија се наоѓа тежиштето на одлуката за тоа каков став ќе заземеме за своите евроинтеграции

Досегашната стратегија на попустливост спрема условите што немаат копенхашки основ се покажа неефикасна и погрешна

Познавачите, односно долгогодишните експерти што ги следеле процесите во Европската Унија велат дека при досегашните проширувања, земјите што веќе биле членки на ЕУ имале одредени услови и придобивки кога нивните соседи имале кандидатски статус, но вакви уцени со идентитетски прашања не биле поставувани и биле несвојствени за принципите на една демократска унија. Македонските експерти за евроинтеграции сметаат дека здружувањето на Грција и Бугарија во една непринципиелна коалиција, со изјави од видот дека „патот на Западен Балкан до ЕУ“ води преку нив, е реакција и притисок врз новите македонски власти, кои најавија поинаков пристап во евроинтеграциите.
– Ваквиот заеднички синхронизиран притисок, со идентична реторика на политичарите од Грција и Бугарија, за евроинтеграциите на Македонија, па и на регионот, е пред сѐ мотивиран и насочен да го поттикнат и засилат стравувањето кај новоизбраните македонски власти, кои очигледно имаат поинаков став во однос на уцените што доаѓаат од соседите – земји членки на ЕУ. Но, објективно, ние во Македонија немаме никаков простор за прифаќање на таквите уцени. Немавме ни претходно, кога беа прифатени многу болни отстапки, што се покажа дека не го постигнаа очекуваниот и ветен напредок во евроинтеграциите. Од друга страна, засилениот неаргументиран притисок на Грција и Бугарија врз Македонија може да има обратен ефект за нив во ЕУ. И во ЕУ имаат граници за „добрососедските уцени“. Но многу зависи и од тоа како ние во Македонија (па и регионот) ќе се поставиме спрема ЕУ. Досегашната стратегија на попустливост спрема сите услови се покажа неефикасна и погрешна. Јасно е дека ни е потребна нова стратегија за ЕУ, која беше најавувана, но засега не гледам некои конкретни чекори. Исто така многу е потешко да се поправаат грешките направени во евроинтегративниот процес отколку да се продолжи, но Македонија нема друг избор, освен да го прифати потешкиот пат – без нови отстапки погубни за националниот интерес – вели експертката за евроинтеграции Малинка Ристовска–Јорданова. Ј.П.