Општина Битола попладнево информира дека пожарот над Битола е повторно активен. На терен се противпожарните екипи кои работат на ставање на ситуацијата под контрола. Се бара и воздушна поддршка.
– Паралелно се врши и координација со Општинскиот кризен штаб за вклучување на сите расположливи сили и ресурси согласно потребите. Во комуникација на градоначалникот Тони Коњановски со Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, повторно најавена е воздушна поддршка во гаснењето на пожарот – се вели во соопштението од Општина Битола.
Претпладнето, овој пожар беше ставен под контрола. Како воздушна поддршка интервенираа пет „Ер трактори“, од кои три од Дирекцијата за заштита и спасување и два од Турција кои се дел од помошта што стигна за справување со пожарите.