Динамични мировни иницијативи за руско-украинскиот воен судир
Со ненадејните посети на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Киев, Москва и на Пекинг, разговорите за отпочнување мировни преговори за Украина добија динамика и во светската јавност повторно се препознаваат некаква нивна мировна форма и облик
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, деновиве се претстави и промовира како миротворец и посредник, во време кога Унгарија претседава со Европската Унија. Оваа констатација е всушност „фактичко совпаѓање на две содржини и негови својства, во една временска рамка“, при што состојбата изгледа полна со динамика и активности што се однесуваат на ангажманите на официјална Будимпешта. И тоа е за поздравување.
Единствено што за второспоменатите активности (односно за мировните иницијативи на Унгарија за посредништво и вклучување на Москва и Пекинг), Брисел не е баш најсреќен, бидејќи членките на ЕУ не беа запознаени со мировниот план, односно со посетите и иницијативите на Орбан.
Сепак, сѐ уште (според изјавите на Орбан во врска со мировното посредништво) се чини дека има потенцијал, но мировната приказна не е поместена од мртва точка.
Мирот како примарна мисија
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, го истакна мирот во Европа како примарна цел на својата мисија. По разговорот со рускиот претседател Владимир Путин, тој во јавноста изјави дека „забележал дека позициите на двете страни се многу оддалечени една од друга и дека се потребни многу чекори за да се дојде до крајот на војната“. Но Орбан, секако, нагласи дека е направен првиот чекор – воспоставување контакт.
Според повеќемина аналитичари, на унгарскиот премиер му беше јасно дека одењето во Киев и во Москва нема да направи ништо за прекинот на огнот, но од друга страна, Орбан е првиот политичар од Западот што официјално отиде во Москва за време на војната, што предизвика лавина реакции.
Самиот Орбан покажа претпочитање разговори со Кремљ од почетокот на војната, кога целиот Запад инсистираше на различни форми на изолација. Само тој факт го класифицираше како „руски играч“ иако беше јасно дека во одреден момент Западот ќе треба, кога-тогаш, да „седне на маса“ со рускиот претседател.
Иако посетите на Орбан на Киев и на Москва може да се прикажат како не толку миротворни, бидејќи тој практично не доби ниту еден позитивен коментар за неговите иницијативи, на овој начин Орбан се позиционираше како некој што сака да се позиционира во улога на посредник. Што е повторно чин за поздравување и охрабрување.
Зеленски во „Блумберг“: Сѐ погласни разговори за воспоставување примирје помеѓу Русија и Украина
Украинскиот претседател Зеленски неодамна даде интервју за „Блумберг“, во кое зборуваше за иднината на Украина во контекст на безбедноста и крајот на војната. Она што можеше да се прочита од интервјуто беа сѐ погласните разговори за воспоставување примирје меѓу Русија и Украина.
За тоа придонесе и неодамнешната ненадејна посета на унгарскиот премиер Орбан на Киев, кој, според него, побарал од украинскиот претседател да ги разгледа опциите за прекин на огнот.
Но Киев го отфрли тој предлог и ја повика ЕУ да го задржи „доволното ниво“ на воена помош што му ја испраќа на Киев. Исто така, според реакциите на земјите од ЕУ, евидентно е дека многумина не ја поддржаа оваа иницијатива на Орбан, кој, иако настапуваше од позиција на претседавач со ЕУ, всушност ја покажа различноста на ставовите на одделни земји од Унијата.
На пример, германскиот канцелар Шолц изјави дека Германија нема да поддржи прекин на огнот насочен кон капитулација на Украина. Шолц, се разбира, не го спомна Орбан, но ги критикуваше условите на Путин за завршување на војната.
Условите на рускиот претседател за примирје
Рускиот претседател инсистира на целосно повлекување на украинските сили од сите региони и градови што Русија ги смета за дел од Русија, кои ги опфаќаат целиот регион Запорожје со истоимениот град, а исто така и Херсонската област со градот Херсон и целиот Донбас. Исто така, претседателот Путин инсистира дека Владата во Киев го изгубила легитимитетот по 20 мај бидејќи не се одржале изборите во Украина.
Финскиот претседател со тврда констатација за ставање крај на руско-украинската војна:
Кина може да стави крај на војната во Украина со еден повик?!
Зошто претседателот Зеленски реши да ѝ се обрати на Кина? Зошто отворено го повика Пекинг? Аналитичарите издвојуваат дека Зеленски никогаш претходно не го направил тоа и, секако, не на овој начин. Тие подвлекуваат дека за ова постојат неколку причини:
1. Првата причина би биле изборите во САД
Не е спорно дека Украина е повеќе наклонета кон сегашниот американски претседател Бајден и неговата администрација. Киев сè уште не знае што да очекува од САД доколку победи Трамп. Се разбира, некои механизми се воведени и не е реално САД да престанат да ја снабдуваат Украина прекуноќ. Но Зеленски веројатно не знае што да очекува. Ниту тука не помагаат американските демократи, кои со сите сили се обидуваат да му дадат до знаење на Зеленски дека се многу подобра опција за Украина. Тоа можеше да се види и од неодамнешните изјави на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон. Таа изјави дека Украина „мора да тргне во офанзива“ за Бајден да добие поддршка во САД на тој бран, што е мошне чудна и нејасна изјава. Но, како таква, ја одразува ситуацијата во која се наоѓаат демократите, но и претседателот на Украина.
Со ова може да се поврзат и изборите во Велика Британија, каде што конзервативците беа исфрлени од власт, а лабуристите ја презедоа. Конзервативците беа тие што во последните години ја „одвоија“ Британија од ЕУ и ја доближија до САД.
Во контекст на војната во Украина, Велика Британија беше еден од клучните сојузници на Киев. Меѓутоа, со заминувањето на премиерот Борис Џонсон и доаѓањето на Риши Сунак на таа позиција, реториката на Велика Британија кон Украина делумно се промени. Иако поддршката драстично не опадна, беше очигледно дека на Обединетото Кралство му треба повеќе време да направи некои потези.
Она што Киев може да го очекува од лабуристите, како во случајот со Трамп, носи доза неизвесност. Идниот премиер Кир Стармер постојано уверуваше дека ништо нема да се промени во оваа смисла и дека се согласуваат со конзервативците за ова прашање. Од друга страна, има голем број внатрешни проблеми со кои се соочува Обединетото Кралство и прашање е со колку ресурси располагаат за да го покријат сето тоа. Сега е тешко да се предвиди дали најавите за решавање на голем број социо-економски прашања ќе најдат ресурси за да ги зголемат трошоците за вооружување на Украина.
Исто така, неизвесно е дали Велика Британија може да продолжи да ги заострува санкциите против Руската Федерација, кои најмногу се однесуваат на спречување на руските граѓани да работат на тлото на Велика Британија, што претставува директен удар за нејзината економија.
Важна одлука за Украина на претстојниот самит на НАТО.
2. Втората главна причина за повикување на Кина е – самитот на НАТО!
Имено, според британски „Телеграф“, на самитот на НАТО во Вашингтон ќе се донесе заклучок дека „Украина е премногу корумпирана за НАТО да ја прифати во Алијансата“!
Се претпоставува дека од Киев ќе бидат потребни дополнителни чекори како услов за преговорите за членство. Но треба да се запомни и дека САД ги блокираат напорите на Велика Британија и ЕУ да го одредат патот на Украина кон членство во НАТО. Од друга страна, земјите од НАТО се договорија следната година да доделат воена помош за Украина во износ од 40 милијарди долари.
Киев, се разбира, сака да добие гаранции дека Украина ќе стане членка на НАТО, што не изгледа сигурно. На порталот „Политико“ е објавен напис дека повеќе од 60 западни експерти за надворешна политика ги повикуваат земјите од НАТО да не ѝ даваат такви гаранции на Украина на самитот во Вашингтон.
Тие сметаат дека чекорот на Украина кон членство може да има спротивен ефект, односно дека Украина ќе ја претвори во место на долгорочна конфронтација меѓу водечките светски нуклеарни сили. Наспроти заднината на ваквите сигнали, самиот Зеленски призна дека Украина, и покрај желбата да добие покана за членство, „знае дека нема да ја добие“.
Сѐ појасно е дека војната нема да се реши без Кина…
Кога на тоа ќе се додаде фактот дека последниот мировен самит во Швајцарија не ги даде ефектите што ги посакуваше Киев, јасно е дека војната и кризата во Украина тешко ќе се решат без интервенција на Кина. Кина не се приклучи на мировниот самит без присуство на Русија, а самиот самит се претвори во собир на западни лидери, кои ја поддржуваат Украина од почетокот на воениот конфликт.
Иако Западот го поддржува Киев и бара различни начини или да ја принуди или да ја покани Москва да преговара, сѐ поизвесно е дека тоа нема да биде можно без Кина…, а за ова е свесен и Зеленски, тврдат сѐ повеќе аналитичари во своите анализи, додавајќи дека за тоа е свесен и претседателот Зеленски, особено кога главните сојузници САД и Велика Британија се окупирани со внатрешна политика.
– Сосема е сигурно дека Кина може да влијае на потезите на Кремљ, па затоа не е чудно што Киев со почит му пристапува на Пекинг. Особено што Украина воопшто нема лоши односи со Кина – вели аналитичарот Иван Човиќ за хрватски „Индекс“, кој долги години престојува во Киев и редовно, објективно, педантно и прецизно ги пренесува и анализира состојбите поврзани со Украина. Н.М.
Зеленски: Кина мора да одигра сериозна улога во решавањето на воениот конфликт
Војната нема да заврши поради Орбан, но можеби ќе заврши поради кинескиот претседател Си Џинпинг. Оваа констатација, според повеќе аналитичари, „ја разбра и украинскиот претседател Зеленски“…
Претседателот на Украина, Зеленски, деновиве повторно ја разбранува јавноста со салтомортале-изјава за нова украинска офанзива (наспроти своите ставови за добредојдените мировни иницијативи). Според Зеленски, таа офанзива од Киев наводно ја очекуваат од Западот, пред сѐ САД и Велика Британија. Дали е навистина така, според аналитичарите, тешко е да се каже.
Актуелната состојба на украинскиот фронт е дека руските сили сѐ уште имаат иницијатива на фронтот, а освен оваа изјава на Зеленски, нема други знаци за нова украинска офанзива. Но, исто така, аналитичарите толкуваат дека е можно ваквата најава на Зеленски (за нова офанзива) да служи за подобрување на преговарачката позиција или за предизборни цели на американските демократи.
Киев со повици кон САД, но уште поважно – со повици кон Кина
Интересен е и ставот на Зеленски за преговорите во интервјуто во реномираниот „Блумберг“.
Имено, Зеленски не исклучи дека на следниот мировен самит ќе биде поканет и претседателот на Русија, а истовремено ги повика САД и Кина да ги „остават настрана разликите“ и да дејствуваат како посредници во мировните преговори.
Зеленски истакна дека „Кина мора да одигра сериозна улога во решавањето на воениот конфликт“, бидејќи Русија во голема мера зависи од кинескиот пазар.
Така, претседателот на Украина се согласи со мислењето на финскиот претседател Александар Стуб, кој изјави дека „Русија сега е толку зависна од Кина што еден телефонски повик од кинескиот претседател ќе ја реши кризата во Украина“.
„Политико“ тврди дека Брисел усвојува нов, ригорозен политички курс за Будимпешта
ЕУ планира бојкот на самитот на Орбан
Шефовите на дипломатиите на ЕУ планираат бојкот на самитот за надворешни работи на унгарскиот премиер Виктор Орбан, тврди бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на дипломатски извори. Унгарија, во својство на актуелен претседавач со ЕУ, најави дека планира одржување самит за надворешни работи во Будимпешта, на 28 и 29 август, но во истиот период ќе биде закажано и заседание на Советот за надворешни работи на Унијата (ФАК). „Политико“ наведува дека шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ со ваквиот бојкот имаат цел да ја „омаловажат“ Унгарија, откако тензиите меѓу институциите на ЕУ и Орбан ескалираа по неговите мировни посети на Москва и на Пекинг, без координација со лидерите на Унијата. Унгарскиот премиер веќе ги информираше лидерите на ЕУ за резултатите од својата мировна мисија и за мировните предлози на Будимпешта.