Разузнавачко-безбедносниот систем на НАТО на тапет: САД би ги редуцирале разузнавачките информации што ги разменуваат со Европа
Што доколку Доналд Трамп како можен иден претседател на САД ги намали разузнавачките информации што ги споделува со Брисел и со членките на НАТО, а кои САД ги прибираат преку својот исклучително ефикасен безбедносно-разузнавачки систем, со кој не може да се мери вкупниот разузнавачки потенцијал на службите членки на НАТО? Ако навистина, според размислувањата на Трамп, по негова иницијатива и план им биде драстично намален пристапот на НАТО-членките до безбедносно сензитивните информации што ги прибира безбедносната заедница на САД, тоа ќе значи колосално стагнирање на безбедносно-политичките процени на европските членки на НАТО, вклучувајќи и на ЕУ, при што е голема веројатноста да се случат тешки пропусти во креирање на идните политики во сите домени на развојот на двата споменати блока
Според пишувањата на реномираниот „Политико“, кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, уште отсега сериозно размислува за „драстично намалување на споделувањето разузнавачки информации со членките на НАТО“. Оваа констатација за „Политико“ ја потврдија „странски официјални лица“, како што пишува медиумот.
„Политико“ констатира дека токму ова би можело да испадне „исклучително опасно бидејќи Европа е во голема мера зависна од Америка кога станува збор за пристап до тој вид информации“.
Кратењето информации со безбедносно-сензитивна содржина од Вашингтон кон Брисел е дел на еден поширок план на Трамп
Според потврдени извори на „Политико“, советниците на Трамп им кажале на сојузничките земји дека „намаленото споделување информации ќе биде дел од поширокиот план за намалување на американската поддршка и соработка со 32-члената алијанса“. „Политико“ се повикува на брифинг со тројца европски и високи претставници на НАТО, кои разговарале со медиумот, под услов да останат анонимни.
Изворите се повикале на сознанијата добиени за време на дискусиите со советниците на Трамп за пошироките планови за намалување на американското учество во НАТО. Исто така, нивен впечаток е дека можниот иден претседател на САД постојано се обидувал „да го поткопа НАТО-сојузот и за време на неговиот прв мандат“.
Според мислењето на безбедносни експерти, „намалувањето на размената на разузнавачки информации може да има сериозни безбедносни импликации, особено овој пат за Украина“.
Токму во врска со добиени релевантни разузнавачки информации прибрани и анализирани од безбедносните служби на САД, НАТО успеа да постигне внатрешно политичко убедување и усогласување дека „треба да се консолидира по своите инвазивни активности кон исток“ и дека „се подготвува решителен исчекор на Русија за да ја спречи експанзијата на западните земји што навлегуваат преку Украина, кон границите на Русија“.
– Американското разузнавање помогна да се убедат многу земји од НАТО, а некои земји не веруваа дека Русија има капацитети да започне успешна воена кампања – рече за „Политико“ висок европски функционер.
Кабинетот на Трамп засега без официјален став во јавноста во врска со ова прашање
„Политико“ се обидел да ги потврди информациите и сериозно размислува за тоа што значи ставот на Трамп дека ќе следува „драстично намалување на споделувањето разузнавачки информации со членките на НАТО“, при што бил директно прашан за коментар и портпаролот на кампањата на Трамп.
Меѓутоа, тој не одговори директно, туку посредно дал одговор на неговата „социјалната мрежа на вистината“ дека поранешниот претседател „ќе го врати мирот и ќе ја обнови американската сила и одвраќање на светската сцена“.
Ограничувањето на споделувањето разузнавачки информации во можната идна администрација на Трамп беше тема на разговор на штотуку завршениот самит на НАТО. Ова го потврдија европските претставници, како и висок американски функционер за „Политико“ (за напомена е дека „Политико“ обезбеди анонимност за сите слободно да разговараат за своите размислувања за плановите на втората администрација на Трамп“).
Актуелниот претседател на САД, Бајден, го зголемил количеството податоци што САД ги споделуваат со сојузниците
Спротивно на она што сака да го направи Доналд Трамп, доколку биде избран за претседател, актуелниот претседател Џо Бајден го проширил количеството информации што САД ги споделуваат со странските сојузници, особено во врска со Русија. Токму во врска со ова се јави и дилемата кај европските претставници, кои се прашуваат дека е „нејасно дали администрацијата на Трамп размислува за враќање на претходните нивоа на споделување информации или дополнителни намалувања“?!
А како функционираше разузнавањето на Трамп, а како функционира она на Бајден? Имено, според безбедносните експерти, за време на првиот мандат на Трамп, неговите разузнавачки службеници споделуваа разузнавачки информации со нивните најблиски партнери за безбедност, вклучувајќи ги и оние од алијансата „Петте очи“.
За разлика од тоа, администрацијата на Бајден ја подигна на едно ново ниво размената на безбедносно сензитивни информации. Имено, се конципирала нова стратегија за „пошироко и поинтензивно собирање разузнавачки информации за Русија“ и споделување на тие разузнавачки информации со сојузниците низ светот. Споделувањето чувствителни разузнавачки информации одело со сојузниците дури и во телеграми, низ дипломатските разговори низ целиот свет, вклучувајќи и во Африка, и на брифинзи меѓу разузнавачките водачи и нивните колеги.
– Споделување на разузнавачките информации меѓу членките на НАТО и со Украина, како и да се откријат и спречат други дестабилизирачки руски активности во Европа и пошироко – рече Џон Бренан, поранешен директор на ЦИА, при што додаде дека доколку победи Трамп, „скратувањето или значително намалувањето на споделувањето на американските разузнавачки информации со сојузниците и партнерите на НАТО ќе има непосреден, длабок и потенцијално долготраен негативен ефект врз безбедносните интереси на Западот“. За издвојување е дека зголеменото споделување разузнавачки информации на администрацијата на Бајден, според експертските ставови, „беше исто така дел од пошироката стратегија за обид да се спротивстави на руското влијание и воената моќ во делови од светот каде што САД традиционално доминираат, вклучувајќи и во земјите во Африка“! Н.М.
Специфичната тежина на добриот разузнавачко-безбедносен систем
Нема квалитетна политичка процена без квалитетна безбедносна информација
Иако европските земји, исто така, основаа разузнавачки агенции на високо ниво, американските разузнавачки служби често се посилни, велат официјалните лица. Без споделување детални информации, официјалните лица се загрижени дека европските земји ќе станат „лесна жртва“
Во текот на изминатите три години, американското разузнавање им обезбеди на своите сојузници од НАТО витални информации: за маневри, тактички напредок, жива сила и воени технички средства, за ресурси, за слабите и за силните страни на противникот, а особено за Русија. Ова го изјави американски официјален претставник. Тој, исто така, истакна дека токму преку разузнавачките активности на САД во јавноста било лиферувано „партнерството на Москва со Иран и Северна Кореја“ и нивната соработка во одредени воени операции. Токму директорот на ЦИА, Бил Барнс, изјавил дека американското разузнавање е „витално“ додавајќи дека војната нуди вредни лекции за „како да се развие добро разузнавање и да се користи отворено и креативно за да се дискредитираат наративите, кои толку често и успешно ги користат противниците“.
Но иако европските земји, исто така, имаат свои разузнавачки агенции на високо ниво, американските разузнавачки служби се драстично посилни, велат упатените во оваа проблематика. Тие нагласуваат дека „без споделување детални информации, европските земји ќе станат лесна жртва“.
Сојузниците на САД предупредија на оваа опасност на конференцијата на НАТО. Како што рече еден европски функционер, „споделувањето информации често е двонасочна улица“.
Во врска со најавата за драстично стеснување на комуникацискиот разузнавачки канал за размена на информации меѓу Вашингтон и Брисел и другите членки на НАТО, професорот по стратегиски студии на британскиот универзитет „Св. Ендрјус“, Филипс О’Брајан, сугерираше дека европските лидери сѐ уште не се свесни и „не го разбираат значењето на таквата промена“!.
– Се чини дека европските лидери не сфатија целосно дека структурата на Северноамериканската алијанса би можела да биде практично реструктурирана за само неколку месеци. Значењето на таа промена би можело да биде преголемо за нив. Но тие мора да се разбудат наскоро – заклучил тој. Н.М.