Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на Македонија е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“
Република Македонија очекува чиста препорака од страна на Европската комисија во својот годишен извештај што треба да се објави денеска, a со кој се оценува евроинтегративниот напредок на земјава по претходните две условени препораки. Иако јавноста како и целокупниот политички и државен врв е уверена речиси стопроцентно дека препораката на Македонија ќе биде чиста и недвосмислена, во исто време се слушаат и коментари дека годинашната препораката и формулациите во неа можат да бидат неизвесни до последен момент. Професорот по меѓународно право во пензија Лазар Лазаров во пресрет на годинашното објавување на извештајот вели дека ЕК во преден план ќе ги стави критиките за владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата, како синоними за секоја држава во регионот вклучувајќи ја и Македонија.
Според него во однос на целиот регион, тој очекува извештаите да бидат компаративни, односно да може да се споредуваат различните држави и да се следи нивниот напредок. Во однос на земјава, ќе се посочи на целосното реализирање на планот 3-6-9 на Владата. – Патот што Македонија мора да го изоди за да стигне до посакуваната дестинација Брисел, е особено тежок и полн со препреки. Од домашни проблеми и бенчмаркови, преку спорови со соседните држави, Македонија уште мора да најде начин да ја „придобие“ Европа на своја страна во време на глобална мигрантска криза зголемено влијание на Русија во регионот.
ога сето ова ќе се собере се чини дека станува збор за невозможна мисија, иако не е неостварливо – вели Лазаров. Фокусот на овој извештај според професорот ќе биде токму тоа, реалните шанси на Македонија за добивање позитивен извештај околу препораката за почнување на преговорите за членство, но не и датум. – Понатаму, мислењата на релевантните фактори од и надвор од Македонија, кои се директно вклучени во процесот на ЕУ-интеграциите. Крајната анализа ќе вклучува пронаоѓање одговор на прашањето колкави се шансите на Македонија за добивање препорака за датум за преговори со ЕУ со оглед на нецелосното имплементирање на планот 3-6-9 од страна на Владата – додава Лазаров.
Проблемот со спорот со Грција околу името, според професорот, иако нема да биде нотиран, останува главен услов за влез во ЕУ. На оваа тема неодамна на брифинг со новинарите говореа и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и премиерот Зоран Заев, кои очекуваат валоризација на целиот досегашен труд и чиста препорака за почеток на преговори за полноправно членство, од претстојниот извештај на Европската комисија.
– Од она што ние го знаеме и имаме информации и од тоа што го гледаме, заслужуваме кристално чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ – рече Заев. Османи, пак, го темели својот оптимизам на тоа што, според него, планот 3-6-9 е реализиран над 90 проценти. Според него, извештајот што ЕК ќе го објави на 17 април, претставува и финале на планот 3 – 6 – 9. Инаку, според очекувањата, се подготвува позитивна препорака. Од Европската комисија засега на неколкупати одбиваа официјално да коментираат каква ќе биде содржината на предлог-извештајот за оваа година за Македонија, но и за сите други земји од процесот на проширувањето. Според оцената на ЕК, како што пишуваат медиумите што имале увид во документот, остануваат забелешките што се поврзани за владеењето на правото, а „организираниот криминал и корупцијата остануваат синоним за секоја држава во регионот“.
Според извештајот, Македонија ќе добие препорака за отворање на пристапните преговори и позитивни оцени за новата влада. Во извештајот повторно се нагласува дека „билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција“. Во однос на земјава, Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на Македонија е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“. Во извештајот за Македонија, од Брисел, исто така се предупредува дека „штетата што се правела со години не може да се среди прекуноќ“, но дека Македонија ја надминала длабоката политичка криза и дека структуралните реформи се долг процес што може да потрае.
Во истиот нацрт-извештај за Македонија се нагласува дека за понатамошен напредок на земјата од одлучувачка важност се задржувањето и продлабочувањето на процесот на донесување на итните реформски приоритети. Во исто време овогодишен „шампион“ ќе биде Албанија, која ќе добие препорака за отворање пристапни преговори, а за Косово во извештајот се истакнува дека „почнатите реформи биле забавени од развлекувањето на изборниот процес“. За Црна Гора е нагласено дека „има напредок на хартија, а во практика заостанување“. Забавување на реформите е констатирано и во Босна и Херцеговина.
На Србија ќе ѝ биде препорачано дека до ЕУ може да стигне со реформи и со дијалог. Инаку, извештајот на ЕК треба и официјално ќе биде претставен денес напладне со сите забелешки, коментари и препораки за напредокот на демократските процеси. Потоа, веќе утре во официјална посета на Македонија доаѓаат еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, како и високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.